Спасовски: Македонија има потреба од системски пристап за сузбивање на екстремизмот
Објавено во: Македонија 19 Октомври, 2016
Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на конференцијата „Напорите на Република Македонија во спротиставувањето на насилниот екстремизам - поглед на граѓанското општество“, сподели дека во изминативе неколку години Балканот, вклучително и Република Македонија директно се соочиле со појавата на екстремизам кој станал дел од актуелните воено-терористички групации во регионите на жестоки конфликти Либија, Сирија, Ирак...
- Регрутирањето на наши граѓани како странски доброволци - борци, особено во редовите на светски најозлогласената воено-терористичка групација „Исламска држава“, неспорно алармираше и бараше од нас итна акција - не само во сферата на законското дефинирање на ваквите криминални активности, туку и во делот на следење, проценка, соработка, координација во врска со сите сегменти врзани со овој феномен. Особено што стана јасно дека таканаречените странски борци станаа еден од клучните елементи во перфорирањето на терористичката закана низ постоечките безбедносни системи. Практично се профилираше еден поинаков пристап во терористичкото делување - далеку посложен и далеку поопасен по безбедноста на државите и на граѓаните. Насилниот екстремизам во својата основа денес го рашири генерацискиот пристап, за сметка на социјалните и верските предиспозиции кои станаа дополнителен “аргумент“ за одредување и регрутирањето на свои приврзаници, изјави денеска Спасовски.
Активностите што се преземаат, продолжи Спасовски се преземаат по однос на насилниот екстремизам се, пред се, од оперативен карактер. Тоа е далеку од реална превенција, од еден широк системски пристап кој би ги детектирал, ама и дефинирал општествените жаришта за појава и развивање на насилниот екстремизам и нус ефектите што тој ги носи.
- Секое општество, особено мултиетничките или мултиконфесионални општества како нашето, се должни детално, системски да му пријдат на ваквиот проблем. Политиката тука не смее да си игра пропагандистички и други шпекулативни игри, оти тука не станува збор за натпревар на понуди ами за животите на луѓето. Во таа сфера, барем според мое длабоко уверување, не се дозволени политички егзибиции и политикантски надрилекарства туку стручност, темелност, едногласност, долгорочност само и само во интерес на безбедноста на сите граѓани, сподели меѓу другото министерот на денешната конференција.