24 Ноември, 2024
0.1581

СПЕКТАТОР: О, ме врти колено…

Објавено во: Анализа 15 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Се сеќава ли, знае ли некој во државава кој беше Јан Сибелиус? Ајде да потсетиме. Човекот бил познат фински композитор, од доцниот романтичарски период, а неговата музика изиграла важна улога во формирањето на Финскиот национален идентитет. Браво за Јан. Тоа ќе му дојде нешто како наш Бадев или Сариевски, само малку, по онака, фино. Нејсе, што овој Сибелиус има врска со Македонија? Пред 5 години некаде, тогашниот еврокомесар за проширување Оли Рен, прашан какви се шансите Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија одговори со анегдота. Едно, утро, вели Рен, му се јавила сопругата на Јан Сибелиус, кој бил во кафеана и го прашала кога ќе си дојде дома? „Па јас не сум прогнозер, јас сум композитор“ гордо и возвратил Сибелиус на жената му. Никој не знае ниту дали е ова вистина, ниту од каде нашле телефон на почетокот на минатиот век, ама Рен малку низ шега, малку низ вистина, ја зацрта македонската траса кон ЕУ. Мајка ни расплакаа! Од тогаш 5 години чекаме датум, да се смилостиват Грците, да профункционира божјата правда, светот да расчисти со Букурешкиот договор, Бугарите да ни го признаат Самоил за наш, и така измислуваме се некои македонистички фразеологии, мислиш цела светска неправда на ова парче земја се надвиснала. Кога ете ти го Филе прашки, Ни Јан, ни Рен го интересира, та цел економски извештај метеоролошки го фразира. Мал до умерен, значаен, но местимично, одреден, ама фали уште, ограничен, ама добар. Малку напна за тоа долгот, ама ај нека си гледа работа. И невработени многу сме имале, со корупција малку сме се бореле, пари во буџет тешко се собирале, борч кон фирми тешко се намирувал. Искрено, нит разбрав во што е поарно, нит во што е полошо, само сфатив дека истите и слични диуретички процесии ни се повторуваат секоја година. Што не е лошо, особено не, додека овде дома бизнисмените молчат и ракоплескаат како фоки во циркус, секогаш кога дресерот ќе им фрли да каснат некое рипче, кое патем им припаѓа и по закон и по природа, и Дарвинова еволутивна теорија. Ама, ако им е ним арно, мене уште повеќе, особено што со Јан Сибелиус расчистивме, и подобри европски дни за економијата смисливме. Што би рекол Филе прашки: датум да утаначиме, ама поранко, и име да преиначиме. Метео прогноза: О, ме врти колено, ноќва ќе е влажно до умерено. Спектатор

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.