СРБИН ГИ СОВЕТУВАШЕ ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДА ЗАРАБОТУВААТ ПОВЕЌЕ ИЛИ ДА ТРОШАТ ПОМАЛКУ: Ги прашавме нашите пензионери дали тоа им успева?
Објавено во: Економија 24 Ноември, 2025 08:20
Душан Узелац, уредник на српскиот портал Каматица, ги советуваше пензионерите да не ги трошат сите пари што ќе ги заработат, односно или повеќе да заработуваат или помалку да трошат за мирни пензионерски денови, но повеќето наши пензионери велат дека ова тешко им оди. Објаснуваат дека оние кои се во добра здравствена кондиција повремено наоѓаат работа, а штедат пензионерите кои имаат високи пензии. Додаваат дека има ситуирани луѓе кои стекнале недвижен имот, стан, дуќан, истите ги издаваат и генерираат пасивни приходи во пензионерските денови, но мнозинството ја нема таа привилегија.
„Тешко им оди на пензионерите да заштедат и ако заштедат, помагаат на децата, на внуците доколку тие се невработени. Значи и дрвата ги плаќаат на 8 рати, немаат пари да ги платат во готово. Од 20.000 денари кој може да заштеди? Повеќето пензионери се со минимални пензии. Животот е поинаков денес, има многу места каде можат да ги потрошат парите. Ако некој има недвижност, тоа ќе му се најде, да го издава дуќанот под кирија, ќе заработува пари како една плата. Сѐ си е до луѓето. Некои штедат, не патуваат, за да имаат пари настрана. Индивидуално е тоа“, вели пензионер од Штип.
Оние пензионери кои се витални и со добро здравје, работат за дневница онаму каде ќе се укаже прилика.
„Ние имаме пензионери со ниски пензии. Од тие пензии нема шанси да се заштеди. Оние пензионери што се витални, можат да си работат и да си заработат плус приходи. Има и мажи и жени што тоа го практикуваат. Можат да чистат, да работат во кујна во ресторан, мажите возат такси“, вели Данче Даскаловска, претседателка на Здружението на пензионери Струмица.
Во Крушево, град каде има можност за издавање на соби, апартмани, пензионерите можат да заработат од туризам.
„Зависи колкава е пензијата, но минимум му требаат 18.000 денари месечно на пензионерот. Во зима трошиме многу за греење, ние 9 месеци го загреваме домот. Заработката од издавање на соби, зависи од периодот, но од септември до декември може да се случи никој да не дојде. Во јануари и другите месеци, кога има продолжени викенди, доаѓаат туристи. Во јануари ако имаат гости, можат да извадат износ како пензија плус, но секоја втора куќа издава соби, има голема конкуренција. Треба пензионерот да е здрав, по заминувањето на туристите треба да исчисти, а ако ангажира друго лице за чистење, ништо нема да му остане. Ако не е во добра здравствена кондиција, ќе се откаже. Одат некои пензионери да берат тутун, за дневница, ама пак и во тој случај треба пензионерот да е здрав. Треба и да знае да работи и да е брз. Од 10 пензионери, 3 ќе бидат спремни да работат таква работа“, вели Даница Кондовска, граѓанка.
Економистот Зорица Велкова објаснува дека постарите луѓе ако се со добро здравје и ако се упорни, можат да најдат хонорарен ангажман.
„Да работат нешто, ако имаат можност. Можат да си уплаќаат животно осигурување, ама за таа опција треба однапред да се мисли пред да се пензионираат. Тие средства секако се од помош. Можат да си постават за цел додека работат пред пензија, секој месец да си тргаат настрана по 1.000 денари. И во текот на работниот век, ако имаат дополнителна работа, тие пари можат да ги штедат за во иднина. Можат да најдат некој ангажман на процент. Можат да даваат консултантски услуги на понеискусни луѓе. И како пензионери можат тоа да го прават. Дополнителни часови можат да држат ако биле професори и сега се во пензија. Денес родителите се зафатени, и на децата им треба помош за да напишат есеј, семинарска и слично. Ќе почнат со малку, но ако се добри, ќе имаат плус клиенти. Ако имаат земјиште, можат да го даваат под наем. Ако се во град каде можат да издаваат соби, од тоа ќе заработат плус приходи“, вели Велкова.
Душан Узелац, уредник на порталот Каматица, вели дека пензијата денес повеќе не е она што беше порано - сигурна гаранција за безгрижна старост. Објаснува дека трошоците за здравствена заштита растат, а пензиите често ги покриваат само основните потреби. Вели дека без оглед на износот на приходите, основниот принцип на финансиска стабилност останува ист: не трошете сè што заработувате. Секое купување, според него треба да биде осмислено. Узелац како опција го спомена и преселувањето во помали места каде животот е помирен, а трошоците за живот пониски. И хрватските медиуми пишуваа дека дел од пензионерите работат со скратено работно време, затоа што пензиите не им овозможуваат достоинствен живот.
Сања Атанасовска
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“
Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември
Oва се земји каде трошоците растат, а квалитетот на живот е загрозен
Хрватска е поскапа од Тоскана и Прованса, туристите се шокирани од цените
Димитриеска-Кочоска: Нема задолжување надвор од предвидените за годинава
Германија ја зголемува минималната плата од 1 јануари, компаниите најавуваат зголемување на цените и отпуштања
Германската Heidelberg Postpress бара стабилната деловна средина и квалификувани работници - ТИРЗ Скопје и Штип меѓу потенцијалните локации
Инженери на РМ: ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече наплатата од 200 денари за пристап до мрежа, како што вети





