Среќна нова 1939-та: Дали Мелони го враќа фашизмот или либерализмот е во криза?
Објавено во: Анализа 12 Октомври, 2022
По неодамнешните, не така неочекувани победи на десните популисти во Шведска и Италија, либералната елита како да влегува во нов шок, проектирајќи ја Европа во 30-те години и подемот на фашизмот, влечејќи паралела со инвазијата на Путин и наезадата на политички актери кои досега беа маргиналци. Ако го следите наративот на либералните медиуми главно за победата на Мелони ќе добиете впечаток дека на власт дошле наследниците на Мусолини, спремни да направат авториратен преврат во Италија, па и Европа.
Но, од друга страна нејзината победа е резултат и на истоштените италијански гласачи кои очекуваат справување со економската и енергетската криза, како и револт кон се попразните либерални ставови кои се вртат околу идентитетските прашања и редефинирање на општествената култура, но не и кон суштинските социјални проблеми и одржување на статус квото наметното од глобализмот.
За овој „втор“ бран на подем на европски десни популисти анализираме со политикологот Иво Ранѓеловиќ, кој смета дека го карактеризира харизмата и лидерството на една дама која успеа да стане премиер на третата најголема економија во ЕУ врз премисите на суверенизмот, анти-глобализмот, а за многумина и фашизмот.
Дали навистина живееме во ера на обнова на фашизмот и закана за човековите слободи како пред почетокот на Втората светска војна, во страв дека Третата може да започне токму сега?
„Доказ за тоа дека ултрадесничарските партии (притоа избегнувам да ги наречам фашистички) од типот „Браќата на Италија“ немаат радикални цели кон тотална промена на либералниот систем - дури и во форма на ЕУ - се тезите на Џорџа Мелони која повикува на конфедерална, а не федерална Европска Унија (сепак, е за унија), јавно ја осудува и е против руската инвазија врз Украина (покрај несогласувањата со коалиционите партнери на оваа тема), искажува поддршка за НАТО и заедничкиот економски пазар на ЕУ (апропо суверенистичките идеали) итн.
Шокот за либералните елити, за разлика од 30-ите години на изминатиот век, е разводнет поради отсуството на антидемократски цели и визии на новата десница. Суверенизмот, релативно умерен и конвенционален, а не фашизмот, е насловот на овој бран. Во пракса, тоа би значело одбрана на националните интереси пред заедничките (слоганите „Италија на прво место“, „Америка на прво место“). Конкретно, остри мерки во делот на мигрантите, ЛГБТ заедницата, абортусот. Никакви протерувања по возови на неистомисленици или друг вид на фашистички практики. Пркос кон капиталистичкиот конформизам – да“, вели Ранѓеловиќ.
Зошто се користи здружениот напад „најдесничарска“ или неофашистичка влада, наследник на Мусолини по 1945 година во Италија за да се окаректеризира победата на Џорџија Мелони претседателка на „Браќа од Италија“ и предводник на десничарската коалиција со Берлускони и Салвини?
„Постојат две бази на податоци врз кои може да се втемелат ваквите напади. Првата е секако дирекната поврзаност на Џорџа Мелони и партијата која ја претставува, Браќа на Италија, кои се идеолошки наследници на италијанскиот фашизам. Како своевиден печат е и симболот на нејзината партија, „тробојниот пламен“, кој е амблемен за ерата на Мусолини.
Втората база е јавниот говор на оваа дама, испреплетен со нејзината самодоверба и харизма, низ кој ги возвишува најболните точки на општеството, за кои академските циркулари велат дека со тоа преминува во национал-популист. Имено, секој свој говор Мелони го започнува со ,,тие’’, мислејќи на левицата, како главен антагонист и дериват на сите проблеми во секојдневието на индивидуалецот во Италија, но и низ Европа. Ги посочува мигрантите како закана за културолшкиот ред на општеството, како и припадниците на ЛГБТ заедницата кои го нарушуваат вредносниот систем и традиција.
И покрај тоа што ваквиот светоглед чекори по маргините на демократскиот вредносен код, сметам дека дихотомијата на националпопулизам и суверенизам го превагнуваат фашизмот при описот на Џорџа Мелони. Останува да видиме што значи една партија од ваков карактер да предводи држава виза ви популистичките ветувања кој го поткопаа современиот поредок“, смета Ранѓеловиќ.
Регионот и особено Европа се соочени со тешка енеретска криза, колку стравот од неизвесноста која ја носи зимата, наглите и несопирливи поскапувања со инфлација каква не се памети пошироко, и заситеноста од статус квото води кон овој тивок револт кој се одразува на гласачките места?
„Стравот, покрај незадоволството, е најголемиот мотив кај гласачите кои гледаат спас во ултрадесничарските субјекти. Стравот создава услови за непредвидливост - плодна почва за екстремни политики. Меѓутоа, во случајот со Италија, Џорџа Мелони доаѓа на власт пред самиот пик на кризата за која италијанските гласачи очекуваат умешно и сигурно справување предводени од новиот лидер. Интересно ќе биде да се види како и дали Мелони ќе успее да ја предводи италијанска економија низ претстојната криза, која да забележиме е најголем конзумент на Фондот за закрепнување на економиите во ЕУ.
Како гласноговорник на екстремниот протекционизам во економијата, бунтовник кон Европскиот федерализам и патриот кој вети покачување на платите во полицијата и зајакнување на армијата, легитимно е да веруваме дека евентуален неуспех на Мелони ќе може да предизвика социјални немири меѓу италијанското општество. Под такви околности, Матео Салвини и Силвио Берлускони би биле првите кој ќе го напуштат бродот што тоне, бидејќи се работи за коалиција која се темели исклучиво врз интерес.
Важно е да се забележи дека ултрадесничарските партии се под силен притисок од поддржувачите насекаде низ Европа, кои пак очекуваат системски пресвртници кои ќе го вратат изгубеното секојдневие (економско, социјално, културолошко), а во реалноста тоа ќе биде безмалку незамисливо“, потенцира Ранѓеловиќ.
Некако низ мејнстрим медиумите како повторно да се провејува оценката дека „гласачите стануваат се поавторирано расположени“ дека примарно реагираат на дезинформации и експлоатација на нивните стравови од мигрантите, од згрозеноста на налетот на „воук и кенсел“ културата, на промовирање на ЛГБТ вредности наместо на традиционалните семејни вредности. Колку оваа политичка битка се базира на искористување на промените во вредносните судови и политичките идеологии, или пак на самата апатичност на гласачите, незадоволството од „вечните дво-партиски избори“ и се помалата доверба во институциите, вклучувајќи и самата Европска Унија?
„Демократско-капиталистичкиот поредок е до некаде жртва на својот успех. Тој едноставно не осовремени, никогаш не се погледна во очи со цел да се соочи со суштинските проблеми на човештвото како резултат од јуришот на глобализмот. Добар дел од светската популација се осети незаштитена, незастапена во своите парламенти и оставена на (не)милоста на невидливата рака на Адам Смит. Оттаму доаѓа револтот кон парадигмите на либерализмот, отклонот од постоечкиот поредок и носталгијата за доброто минато. Под такви околности се пројавува сентиментот, па така луѓето се држат за основните елементи на достоинството, а ултрадесничарската опција станува изнуден избор.
Овој век е последна шанса на елитите на либерализмот да го погледнат општеството во очи и да ги адресираат суштинските проблеми на човекот, започнувајќи од основните човекови права па се до концепти како нееднаквоста. Во спротивно, не очекува таа „среќна“ нова 1939-та“, заклучува Ранѓеловиќ.
Х.С.