ССК БАРА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА СМЕТКИТЕ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА КАКО ВО ДРУГИТЕ ДРЖАВИ - Ангелоски денеска на прес конференција
Објавено во: Економија 26 Август, 2022
Сојузот на стопански комори на Македонија денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе биде презентирана состојбата во која се наоѓа стопанството како последица на енергетската криза и мерките што се потребни со цел да се зачува деловната активност на претпријатијата.
Така најави ССК во својата покана до медиумите за денешниот прес.
На него, како што објавија од комората, ќе се обратат претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски и потпретседателите проф. д-р Орце Симов и Горан Ѓорѓиевски.
Оваа прес конференција следува откако бизнис заедницата, односно Стопанската комора на Македонија, веќе со недели алармира дека е драматична состојбата со цените на струјата и другите енергенси, и дека ако Владата под итно не преземе мерки, многу фирми ќе се затворат и ќе се изгубат многу работни места.
Затоа Фактор уште пред неколку дена постави прашање до првиот човек на ССК Трајан Ангелоски зошто тој се уште не реагира за тешката состојба со енергетиката во земјава, и дали на овој проблем не се жалат фирмите членки на комората.
Добивме одговор дека тоа е глобален проблем, а дека ССК постојано ја алармира јавноста за него. Комората бара субвенции, но и да се стават во функција во целост домашните производствени капацитети.
„Во однос на темата за која се интересирате и активности на Сојузот ве информираме за следното:
Порастот на цените на енергенсите што е глобален проблем, сериозно се заканува на ликвидност и деловната активност на претпријатијата во нашата земја, а Сојузот во континуитет на различен начин, преку изјави, соопштенија, интервјуа јавно алармира за истото, а во соработка со екслерти од областа во континуитет доставува и барања за преземање на мерки до надлежните институции. Побарано е да се субвенционираат сметките за електрична енергија како што се прави во земјите од регионот, како и да се стават во целосна функција домашните производни капацитети и дел од струјата произведена во нив која е по поповолна цена да се понуди на стопанството. Исто така истакнуваме дека наша беше иницијативата за поедноставување на процедурите за поставување на фотоволтаични панели, што делумно почна да се реализира. Во моментов со професори од секторите факултети подготвуваме сет на нови квалитетни предлози кои наскоро ќе бидат соопштени на јавноста и ќе бидат адресирани со надлежните институции. Но факт е и дека имплементацијата на мерките зависи од одлуките на владата, а овој процес не оди со потребната динамика“, се вели во одговорот што го добивме од ССК.