СТАН ИЛИ БИЗНИС: На што кумановци ги трошат парите oд Авганистан?
Објавено во: Економија 16 Октомври, 2018 06:56
Парите од печалбата во Авганистан, кумановци
најчесто ги трошат за купување на куќи и станови, автомобили, а поретко за
почнување на бизнис.
Заработката од Авганистан им овозможува за релативно краток период да го решат прашањето со покрив над глава, нешто што од македонска плата за многумина е претешко.
„Мое мислење е дека луѓето прво се средуваат со куќа, стан, и она што е потребно за куќа и стан, а потоа следи купување на автомобил и тоа класа како Мерцедес на пример. Но, има и такви кои поседуваат бугарски пасоши, по што ќе купат шлепери, и ќе возат по Европа. Има и такви кои не сакаат овде да се вратат, со изговор дека нема работа, или што ќе прават со плата од 200 евра, и така остануваат по 10 или 15 години во Ирак и Авганистан“ - вели Синиша Д, кумановец кој работел во Авганистан.
Но, ретко се охрабруваат печалбарите да почнат бизнис или немаат идеја и искуство за истото.
„Ретко кој почна бизнис од тие пари изминaтиве години, претежно се купуваат станови, и тоа се гледа од изградените згради во градот. Има некои што ги знам што успејаа со бизнис, но има и мали дуќанчиња кои пропаднаа“ – вели друг кумановец кој бил во Авганистан.
Од Агенцијата за недвижености Експерт Плус во Куманово, објаснуваат дека ударно беше пред неколку години, и тогаш печалбарите од Авганистан купувале станови.
„Си купија сѐ што треба, и сега работата се одвива тековно за нас. Тие имаа капитал, и пред пет – шест години се купуваа различни станови, со различна големина, зависно од потребите и големината на семејството. И сега добро заработуваат, имаат пари, но купуваат имот надвор од државата“ – додаваат од Експерт Плус.
Имоти се купуваат во соседна Грција, а ова е добра можност да се стекне и државјанство во одредена земја со купување на недвижности.
Центарот за економски анализи пред неколку години направи истражување, кое покажа дека дури 60 проценти од граѓаните кои работат во Ирак и Авганистан немаат намера да вложуваат во родниот град. Тие на анкета одговориле дека немаат бизнис познавања или сметаат дека нема поволности за отворање на фирма.Истражувањето покажа дека дел од нив заработуваат и по 50.000 евра годишно, а во земјава ако се вратат рекле дека не сакаат да работат за плата пониска од 22.000 денари.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје




