Стан во Скопје од 70 квадрати за 30.000 евра: Се прошируваат списоците на евтини недвижнини
Објавено во: Економија 14 Јули, 2021
Куќа во Битола од 354 квадратни метри за помалку од 32.000 евра, стан со земјиште во Скопје во вкупна квадратура од 278 метри за само 85.000 евра. Недвижнини со вакви цени можат да се купат и во Македонија. Има и поевтини и покрај тоа што цените на становите, куќите и деловниот простор во последната година драстично се зголемува. Кој сака може да купи ексклузивна куќа во Скопје од 253 квадратни метри за нешто над 400.000 евра или стан во Струмица од 83 квадрати за 30.000 евра. И ова се само почетни цени. Сите недвижнини се наоѓаат на списоците на извршителите ширум земјава. Тие ги продаваат поради тоа што нивните сопственици се должници – не успеале да вратат некој кредит па останале без нив.
Најчесто недвижнините кои ги распордаваат извршителите имаат многу ниски конечни цени. Но и покрај тоа распродавањето не оди баш лесно. Некои стојат со години, некогаш не се продаваат ниту атрактивни станови па истите се провлекуваат во списоците за имот на продажба подолго. А исти списоци имаат и банките. Ги објавуваат оние недвижнини кои биле заложени за кредитите за кои ангажирале присилна наплата.
Меѓу огласените имоти има стан во Скопје од над 70 метри квадратни за почетна цена од 30.000 евра или стан земјиште и гаража во Охрид сите вкупно 147 квадратни метри, а за 54 илјади евра.
Извршителите аукциите ги закажуваат јавно однапред и најчесто се извршуваат во нивните канцеларии.
Нема точен податок што се е на продажба во моментов, затоа што ситуацијата се менува на дневна основа, а секојдневно стануваат активни и нови решенија за присилна наплата.
Во регистарот на преземени недвижности наменети за продажба, на крајот на првиот квартал 2021 година се потврдени 506 делови од згради, 134 катастарски парцели и 304 податоци за инфраструктурни објекти.
Според Извештајот на Катастарот на недвижности во првиот квартал годинава биле запишани 1.759 хипотеки во вредност од 160.187.107 евра. Од нив 759 се во Центарот за катастар на недвижности во Скопје во вредност од 67,8 милиони евра.
Фактор веќе пишуваше дека за цела 2020 година, сите извршители во државата наплатиле вкупно над 123 милиони евра – сума која е речиси идентична на таа од 2019 година иако лани имаше прекинување на извршувањето. Од фирми должници повлечени се над 89 милиони евра, од државата, безмалку 9,5 милиони евра, а дури околу 25 милиони евра се пари кои се симнати од сметките на граѓаните за долгови по основ на извршни решенија кон различни должници.
На огласите се продаваат и движни предмети, а огласувач често е и Управата за јавни приходи која заложува по основ на даночен долг.
А.Т.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.