СТАПУВААТ НА СИЛА МЕРКИТЕ: Локалите од денеска до 18 часот, патувањата не се забрануваат, но да нема големи групирања
Објавено во: Македонија 18 Декември, 2020
Од денеска
стапуваат на сила новите рестриктивни мерки кои ги усвои Владата по препорака од Комисијата
за заразни болести, со што
стартува кампањата „Празнувај одговорно“.
Новиот пакет мерки ќе важи до 21 јануари, а целта е во текот на претстојниот празничен период да не дојде до зголемување на бројот на новозаразени од корона вирусот, односно да се спречи понатамошно ширење на инфекцијата со Ковид-19.
-Со новите мерки е предвидено намалување на работното време на угостителите, со што кафулињата, рестораните и сите останати угостителски објекти од денеска ќе затвараат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше до сега. На сила останува забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Забрането е групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид на собири во периодот на празниците, а хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Забрана за собири на отворено и ограничен број постетители во затворен простор со задолжително носење на маски ќе важи и за празнување на и на верските празници кои следат.
Во текот на неделава и премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче порачаа граѓаните да празнуваат одговорно, со напомена дека оваа година празниците да се одбележат во кругот на семејствата. Сметаат дека не е време за големи прослави, зошто здравјето е пооважно од секаков профит.
-Сега кога сме на чекор до долгоочекуваната вакцина, целта е да издржиме и оваа година треба да одбележиме, а не да празнуваме. Да ја пречеканем Новата година како одговорни граѓани, јас празниците ќе ги поминам дома со сопругата и со децата. Свесни сме дека ова не се популарни мерки, но сега е време здравјето да се стави пред задоволството и пред профитот. Конечен излез од пандемијата се вакцините. Јас ќе бидам меѓу првите што ќе се вакцинирам, веднаш по здравствените работници кои се на првата линија, како и хронично болните и повозрасните лица, истакна премиерот Заев.
Министерот Филипче истовремено порачува да нема големи домашни собири со цел да не се соочиме со огромен број новоинфицирани кои би довеле до повторно пренатрпување на болничките капацитети. Вели дека ковид-центрите се уште се под голем притисок и порача дека славењето може да почека, но здравјето не и дека не смееме да дозволиме празнувањето да ни се претвори во лош спомен.
- Епиедмиолошката состојба во земјава е стабилна, но се уште има голем број на заболени и на хоспитализирани пациенти. Болниците сеуште се под притисок, но во континуитет има слободни кревети. Веќе цела недела бројот на слободни болнички кревети е константен. Имаме околу 150 слободни кревети во државава. Анализата покажува дека РХ-факторот е под 1, односно 0,95, но тоа во исто време е нешто што не треба да не опушта. Се уште има голем број на заболени и не смееме да си дозволиме да се опуштиме, рече Филипче.
Инаку, патувањата не се забранети, па во оваа насока, претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р. Жарко Караџовски вели дека не е важно дали Нова година ќе се прослави дома или во викендици по туристичките места, важно е, како што вели да нема групирање, да не се собираат премногу луѓе.
-Патувањата не се лимитирани, прославата на Нова година, доколку е одговорна, може да биде каде било во државата, но само доколку е одговорно прославувањето и почитувањето на мерките, во домашни услови, со луѓе што ги познавате и луѓе што и досега ги почитувале мерките за заштита. Не е добро да се групираат луѓе и целта на овие мерки е да се избегнат групирања на поголеми групи луѓе. Ние сме свесни за време на новогодишните празници, но и за верските прослави, како домашни слави, дека може да се соберат поголем број луѓе, дури и да се направи мини-свадба каде што луѓе се собираат со позитивна енергија да слават, а тоа може да прерасне во кластер, посочи д-р Караџовски на последната прес-конференција на која беше најавен стартот на кампањата „Празнувај одговорно“.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.