СТИСНАЛЕ ДОНИРАМ ПО ГРЕШКА,СЕГА ПАРИТЕ ГИ БАРААТ НАЗАД - околу 2.000 граѓани ја откажале донацијата
Објавено во: Економија 24 Јуни, 2020
Кога стартуваше корона кризата, УЈП во аликацијата Мој ДДВ стави можност граѓните кои сакаат, наместо да го добијат својот износ, тој автоматски да биде префрлен во хуманитарниот фонд на државата наменет за справување со корона кризата.
Но, дел од граѓаните по грешка стиснале на опцијата донирам, а потоа беа заинтересирани како да си ги повратат парите. УЈП пред една недел тоа им го овозможи на корисниците, со поставување на опцијата Откажи донација, а можност тоа да го сторат ќе имаат се до крајот на овој месец. Потоа, до крајот на јули парите ќе им бидат вратени на нивните сметки.
„За граѓаните кои по грешка го донирале својот поврат, согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица за време на вонредна состојба, е поставена опција да можат да ја откажат дадената донација. Оваа можност е поставена на 17 јуни 2020 и истата ќе биде достапна до 30 јуни 2020 година. Исплатата на оние кои ја отповикале донацијата ќе се изврши до крајот на јули, односно 30 јули 2020 година“, објаснуваат од УЈП.
За колкава сума точно станува збор, ќе се знае по конечното изјаснување на граѓаните.
Според информациите од даночната администрациј, од вкупно 8.700 граѓани кои донирале, досега околу 2.000 граѓани ја откажале донацијата. Тоа значи дека околу 6.700 граѓани остануваат на својот став дека сакале да го донираат својот поврат на државата.
„Откако ја поставивме оваа можност, во првите неколку дена постоеше голем интерес, односно поголем број гараѓани ја откажуваа донацијата, сега нивниот број се намали и тие се по само неколку дневно“, објаснуваат од управата.
До сега во солидарниот фонд за справување со корона-кризата беа донирани околу 10 милиони денари од граѓаните, кои наместо да го добијат на своите сметки, го вратиле повратот од Мој ДДВ.
Инаку, граѓаните кои се уште не добиле исплата на повратот на ДДВ за првите три месеци од годинава, не треба да се грижат. Тие пари не застаруваат никогаш и во секој случај ќе им бидат исплатени на корисниците на Мој ДДВ.
Ова го тврдат за Фактор од Управата за јавни приходи, откако дел од граѓаните се жалат дека и покрај тоа што уредно ги скенирале сметките, и три недеели по завршувањето на крајниот рок, односно 30 мај, се уште не добиле пари на своите сметки.
Од Управата за јавни приходи нагласуваат дека по проверката на жалбите, констатирале дека или парите веќе биле исплатени, но граѓаните не биле внимателни па не го забележале тој прилив, или, пак, граѓаните во апликацијата навеле неточни податоци, односно неточна трансакциска сметка, и со тоа автоматски не може да им бидат исплатени средствата.
УЈП нема точни податоци колку жалби пристигнале од граѓаните, бидејќи систмот не овозможува да се исфрли таков точен податок.
Сепак, сите поплаки кои ќе ги добијат од корисниците, даночните власти ги проверуваат и утврдуваат за што точно станува збор.
„Граѓаните се обраќаат до Управата за јавни приходи на маилот mojddv@ujp.gov.mk за неисплатени средства, и по извршен увид од службите на УЈП се констатира дека станува збор за веќе исплатени средства или за неисплатени средства поради неточно наведени податоци во апликацијата“, нагласуваат од УЈП.
Оттаму потенцираат дека оваа институција редовно врши поврат на средства, односно 15 отсто од данокот на додадена вредност за купени добра или користени услуги. Согласно член 8 од Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, повратот на данокот се врши на трансакциската сметка по службена должност од страна на УЈП, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.
Или, тоа значи дека до крајот на мај треба да се исплати повратот за првиот квартал од годината.
Од Управата за јавни приходи велат дека вршат поврат и надвор од овој рок кај физичките лица кои подоцна ги ажурирале податоците во апликацијата, односно трансакциската сметка.
„Граѓаните да не се грижат. Штом достават точен податок, средствата сигурно ќе им бидат исплатени, или веднаш, или со исплатите за наредниот квартал. Но, битно е дека во секој случај тие нема да им застарат и ќе ги добијат на своите сметки“, велат од УЈП.
А имало и случаеви кога граѓани се пожалиле дека не добиле исплата, но по проверките се востановило дека парите им се легнати, по што тие и се извинувале на Управата за својата поплака.
Досега за тромесечјето јануари -март 2020 година, пари им биле исплатени на 236.597 граѓани, или сума од 295.714.584 денари, односно 4,8 милиони евра.
Инаку, даночните власти веќе работат на прилагодување на апликацијата Мој ДДВ, на новиот начин на поврат со кој Владата го зголемува враќањето кај домашните производи, на 20 отсто од платениот ДДВ, а за странските производи повратот се намалува на 10 отсто. Но, од УЈП не знаат кога таа надградба ќе биде готова.
„Согласно Уредбата за измена на Уредбата со законска сила за примена на законот за враќање на дел од ДДВ на физички лица за време на вонредна состојба, повратот на ДДВ кај физичките лица за домашните производи да изнесува 20 отсто, а за странските производи 10 отсто, со цел поттикнување на потрошувачката на домашните производи, Управата за јавни приходи веќе работи на прилагодување на апликацијата МојДДВ на овие новини, и за истото ќе ја извести јавноста“, велат од Управата за јавни приходи.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.