Добивај вести на Viber
Српскиот премиер Ивица Дачиќ и потпретседателот на владата, Александар Вучиќ утре во Белград ќе се сретнат со извршниот директор на Мајкрософт во заминување, Стив Балмер.
На состанокот, покрај Балмер, ќе присуствуваат и директорот на Мајкрософт за Европа, Среден Исток и Африка, Југослав Пириќ, како и генералниот директор на компанијата за Централна и Источна Европа, Такуја Хирано. Балмер ќе се сретне и со амбасадорот на САД во Србија, Мајкл Кирби.
Првиот човек на Мајкрософт и премиерот Дачиќ во мај оваа година потпишаа договор за соработка на компанијата и владата на Србија за лиценцирање и сервисирање на софтвер кој ќе биде користен во српската државна администрација.
Српските медиуми шпекулираат дека оваа соработка може и да се продлабочи, па се претпоставува дека е можно Мајкрософт да инвестира во српскиот ИКТ сектор.
Стив Балмер неодамна одлучи да се пензионира, но сеуште не се знае неговиот наследник.