СТРАНЦИ ОД РАЗЛИЧНИ ЗЕМЈИ ПО ОСНОВ НА БРАК СЕ ДОЈДЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА: Како се интегрираат на пазарот на трудот?
Објавено во: Економија 11 Декември, 2024
Наоѓаат работа веднаш, чекаат со месеци или со години додека да го научат македонскиот јазик. Странците од различни земји кои по основ на брак дошле да живеат во земјава, имаат различни приказни како успеале да најдат работа и како гледаат на пазарот на труд кај нас.
Мадај Дафовски од Филипините вели дека брзо успеала да најде работа тука, благодарение на сестрата на сопругот.
„Не е тешко да најдете работа ако сакате да работите. Тешко е ако не го знаете јазикот. Овде има работа, само што луѓето не сакаат да работат поради ниските плати и повеќе сакаат да одат во ЕУ. Мислам дека на Филипините е потешко за вработување, стандардот е висок таму“, додава Дафовски.
Емили Ањанго Аума од Кенија објаснува дека работела во повеќе приватни фирми во Прилеп, но до првото вработување чекала нешто повеќе од три години. Во тој период го учела македонскиот јазик. Патот до вработување вели не бил лесен.
„Најбитното е да се знае јазикот, а после е лесно. Беше тешко. Јас дојдов во 2015 година и мојата прва работа беше после три и пол години. Но, чекањето за мене беше ок затоа што јас дома учев јазик со ќерка ми. Во Кенија има многу работа, има многу луѓе“, додава Ањанго Аума.
Словенка која поради брак се доселила во Скопје, вели дека јазикот брзо го совладала, стекнала контакти, но за работа немало многу можности. Таа денес си живее во родната Словенија, но е со став дека странец во Македонија сепак може брзо да се прилагоди.
„Искрено мислам дека странец може брзо да се снајде. Јас многу брзо го научив јазикот на говорно ниво, си најдов контакти и друштво. Македонците се љубезни и гостопримливи, така што тоа не беше никаков проблем. За барање работа беше потешко, немаше многу можности. Посебно во полето на културата каде работам, круговите се затворени, беше тешко да влезам без контакти само врз основа на струка. Се вратив во Словенија, брзо најдов работа и почнав да градам кариера. Инаку, зависи странецот во кое поле работи. Ако е во ИТ, програмирање, дизајн, сигурно ќе му биде полесно. Има доста странски фирми каде вреди само искуството, а не од каде доаѓаш“, додава Словенката.
Друга жена која од Украина по основ на брак дошла во Македонија вели дека од повеќе фактори зависи дали еден странец брзо ќе најде работа или ќе чека со години. Но, проблем е партизираноста и тоа што квалитетниот работник ќе наиде на многу пречки.
„Тоа се индивидуални случаи. Јазикот тука го учиме полесно затоа се работи за словенски јазици, побрзо ни оди да проговориме, а за снаоѓање зависи од самата личност, какви способности има за вклопување во нова средина, зависи до фамилија во која ќе влезе. Имаме ситуации кога жени не успеваат да се вработат по струка, имало и случaеви кога тука си завршуваат факултет и потоа се вработуваат. Сето тоа е многу индивидуално. Снаодливоста на самиот човек е важна, некој е поснаодлив, некој не, некого го следи среќа. Некој странец што реално има потенцијал, реално е способен за многу повеќе, ако овде нема грб од некого, нема да успее. Тоа е многу жалосно. Во Украина образованието е многу поквалитетно. Јас прво не се стремев брзо да најдам работа овде, сакав правилно да го научам јазикот. Почнав да работам после 3 години по нешто, а по 5 години посакуваната работа ја најдов и тоа ми пречинуваше задоволство. Нема толкава застапеност на политички врски во мојата земја како овде и таму квалитетен човек полесно ќе се пробие. И во Украина има корупција, ама не е симната до најдолните слоеви на населението“, објаснува Украинка која живее во Македонија.
Во земјава постојано има по неколку илјади слободни работни места. Ако погледнеме статистики, македонските граѓани најчесто стапуваат во брак со припадници на српската заедница, но секоја година се склучуваат и бракови со луѓе од други националности кои не припаѓаат на малцинските заедници во Македонија.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com