Стратешките инвеститори ќе ја чекаат новата влада, убедени се дека законите ќе им поминат
Објавено во: Економија 01 Април, 2024
Законите за четирите стратешки инвестиции ќе го чекаат новиот парламентарен состав, односно формирањето на новата влада по изборите, откако ниту на последната пленарна седница во Собранието не беа изгласани, иако на дневен ред беше предвидено да се донесат по брза постапка.
Последната пленарна седница се одржа во четвртокот, на која беа изгласани неколку други предлог-закони и други одлуки, но не дојде до гласање законите за инвестициските проекти „Митилинеос“, „Соларен парк Стипион“, „Аим грин тек“ и соларна електрична централа – Пехчево.
Владата претходно еднаш ги повлече, а потоа ги врати во собраниска процедура „за да се отстранат недоразбирањата“. Претходно, пред да бидат повлечени, предлагач беше министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ, а потоа повторно се најдоа во собраниска процедура, но како предлози на СДСМ.
- Излезе така како што излезе, но ние знаеме дека веднаш откако ќе се формира новата влада, озаконувањето на овие инвестиции ќе се разгледа уште на првите владини седници. Има опција тие да продолжат во редовна собраниска процедура со новиот парламентарен состав, доколку остане да владее актуелната елита, а доколку опозицијата формира влада, знаеме дека и кај нив има позитивно расположение. Тогаш би се вратиле повторно во владина процедура законите, ќе бидат прифатени нивните условно опозициски амандмани, каде што нема нешто спектакуларно. Има разлики единствено такви од типот - домашни компании да ги градат овие енергетски постројки, но и тоа е во ред, бидејќи и нам тоа ни одговара, ни рече претставникот на еден од стратешките инвеститори со кој стапивме во контакт.
Тој додава дека инвеститорите очекуваат и надминување на меѓукоалициските недоразбирања во актуелната владеачка гарнитура, доколку таа ја задржи власта и по парламентарните избори на 8 мај.
Во јавноста најголемо внимание привлече законот за когенеративната постојка која според договорот треба да ја гради грчката компанија Митилинеос кај скопска Железара. Дел од експертите изминатиов период реагираа дека со реализацијата на овој проект државата ќе претрпи огромни финансиски штети, а грчкиот инвеститор од друга страна ќе има голема добивка и ќе се богати. За репреговарање на некои од деловите од договорите со еден од стратешките инвестиции беше министерот за економија Бектеши, кој е од редовите на ДУИ.
Вкупната предвидена вредност на четирите стратешки инвестиции е 786 милиони евра и ќе треба да обезбедат енергетска независност за земјата со тоа што електричната енергија ќе им ја купува ЕСМ. Во Собранието се предлог-законите за реализација на стратешките проекти: „Соларна електрична централа – Пехчево“, на стратешкиот инвеститор, ХЕК „Солар“ МК ДОО Негрево, Пехчево, вреден околу 51,9 милиони евра, стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, на „Остро солар“ ДООЕЛ Скопје за изградба на фотоволтаична централа од 400 мегавати, вредна 270 милиони евра, инвестицискиот проект „Митилинеос“ за когенеративна постројка Скопје и стратешкиот инвестициски проект АИМ „Греен ТЕЦХ“, на стратешкиот инвеститор, АИМ „Греен ТЕЦХ“ ДООЕЛ Скопје, со кој ќе се комбинираат соларна енергија, мотори на гас и можност за батерии за баланс во мрежата
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.