Суден ден за изборниот исход: Што ќе одлучи ДИК за приговорите?
Објавено во: Македонија 15 Декември, 2016
Пред нас е судниот ден за изборниот исход.
ДИК во 11 часот најави седница која ќе биде отворена за медиумите а на неа ќе се разгледува и одлучува по приговорите поднесени од подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието.
Државната изборна комисија до вечер до 19 часот има рок да одлучи по приговорите кои ги поднесоа две опозициски партии СДСМ и БЕСА.
И двете партии поднесоа по 8 приговори што значи вкупно 16.
Согласно со законот, доколку партиите не се задоволни од решенијата на ДИК, можат да поднесат тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од решението на Комисијата. Управниот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука за 48 часа по приемот.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик. Но, и за ова постојат рокови, односно незадоволните партии можат да поднесат жалба до Управниот суд кој пак има рок од 72 часа да реши, додека повторното гласање на избирачкото место се одржува 14 дена од денот на изборите.
Доколку ДИК ги прифати приговорите можно е да дојде до промена на освоените мандати.