Добивај вести на Viber
Сестринските компании „Македонски Телеком“ и „Т-мобиле Македонија“, двете во сопственост на унгарската „Маѓар Телеком“, одлучија да станат една компанија, со тоа што „Т-мобиле“ ќе се присоедини кон „Македонските Телеком“ и ќе ги прекине своите деловни активности.
„Одборите на директори на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија донесоа одлуки за одобрување на склучување на спогодба за присоединување на Т-Мобиле Македонија кон Македонски Телеком со датум на престанок на деловните активности на Т-Мобиле Македонија заклучно со 31-ви декември оваа година“, соопштија утрово од двете компании.
Оттаму додаваат дека спогодбата ќе биде доставена за предбележување во Трговскиот регистар кој што го води Централниот регистар и сите известувања ќе бидат објавени во согласност со законите.
Потврда за одлуката на директорите на компании треба да биде дадена и на Собранијата на двете Друштва.
Спојувањето на „Телеком“ и „Т-мобиле“ беше најавено уште во септември 2009 година. Тогаш директорите на двете компании образложија дека се одлучуваат на ваков чекор со цел поефикасно работење.