Тачи: ДПА ќе придонесе изборите да бидат по стандардите на меѓународниот фактор
Објавено во: Македонија 20 Октомври, 2016
Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи денеска се сретна со американскиот амбасадор, Џес Бејли по што изјави дека заеднички став е дека изборите се првата, но главната точка, која што ќе демонстрира подготвеност на Македонија како држава во која се спроведуваат изборите.
Вели дека ДПА гарантира дека ќе даде свој придонес изборите да бидат по стандардите и вредностите на меѓународниот фактор, односно коректни и демократски.
„Констатиравме дека не се важни само институциите и индивидуалците, туку многу е важна политичката волја на сите субјекти кои ќе учествуваат во овој процес“ - вели Тачи.
Тачи кажа дека ДПА останува на првичниот став за ИЕ 6 и продолжува да ја оспорува, но не може да биде алиби на некој што сака да го оспори одржувањето на изборите.
Во однос на пратеничките листи на ДПА, најави дека тие многу брзо ќе бидат составени и објавени.
„Пратениците на ДПА демонстрираа една голема лојалност во овој мандат и не се продадоа на никакви понуди. Поминавме низ многу тежок период и како Држава и како ДПА. Нивната мисија со ова е завршена, што значи дека ќе има нови ликови. Ќе има нови кандидати, но ќе има и кандидати кои што се моментално поради континуитет во работата на парламентарната група“ - додаде Тачи.
За работата на СЈО, Тачи рече дека не сака да зборува, кога зборува правдата и дека политички оценки може да даде на крајот на процесот.