ТАЖНА СЛИКА ОД СТРУМИЧКО: Земјоделците се во минус и ја уништуваат непродадената зелка
Објавено во: Агробизнис 23 Мај, 2024
Во струмичкиот крај 30 до 40 отсто од зелката остана непродадена по нивите. Земјоделците сега ја уништуваат со цел да засадат други култури. Објаснуваат дека дел од родот имаат подарено на роднините, пријателите, соседите, но тоа не е решение, затоа што вложиле пари, работеле, изгубиле време, а сега трпат загуби. Жално е што родот се уништува по полињата, но немаат каде да ги пласираат количините.
„Мене 6-7 тони зелка ми останаа во нивите. Јас ја уништив и садев пиперка. Завршено е со зелката. Имаше и донации, но за да ја донирам, да плаќам превоз, не бива. Требаше државата, институциите да организираат да се однесе некаде. Кој сакаше можеше да си бере зелка од нивите. Лоша е состојбата. И со доматот е лошо. Донесен е домат од Албанија на пазарите. Не дај боже да се случи истото и со доматот. И копирот не оди, само краставицата се држи засега, ама понатаму цената може да падне“, вели Ристо Велков, претседател на Агросојуз од Струмица.
Тој апелира новата влада откако ќе почне со работа да се ангажира и да им помогне на земјоделците, да не сведочиме на вакви настани, кога родот скапува или се уништува по нивите.
„Моментално некои од луѓето ги уништија насадите со зелка под фолија и засадија нови култури на истата површина. Ние нашите ги продадовме за многу ниска цена, за 3 до 5 денари за килограм на големо. Тоа е жално. На отворено не сме ја уништиле зелката, се надеваме дека цената ќе порасне. Нема на кого да ја дадеме, скоро секоја куќа си има, односно ако не саделе за продажба, за себе си имаат. Ако соседот до мене нема, јас му давам зелки, ама тоа не е решение, имаме големи количини. Да има предлог некаде да се даде, донира, подобро би било отколку да се уништи. Подобро некоја фамилија да се нахрани отколку да се уништи зелката. Сепак, дури и да донираме некаде, тоа ќе бидат 2-3 вреќи, нека се и повеќе, ама треба да има пласман и родот да се продаде. Лично знам 4-5 фамилии од нашето село што го уништија родот. Сигурно има и други што истото го сториле. Тие продале мали количини, а другото им остана. Цената е ниска, а давачките за производство се многу високи. Моите родители се занимаваат со земјоделство, а јас сум млада и да знам дека ќе има добра цена, јас би работела на моето земјиште и би произведувала исто или дури и повеќе, ама нема резултат. Нема на која основа да се трудам. Ние секако сме во минус. На пример, за да ги береме зелките и да ги донираме некаде, тоа бара време, треба работници, потребно е да се транспортира“, објаснува жителка на струмичко село.
Од Министерството за земјоделство претходно соопштија дека високите пролетни температури, во еден дел, направија нарушување на пазарот и пласманот на пролетната зелка, што резултираше со негативно движење на пазарните цени, предизвикувајќи загуби за производителите. Според земјоделците, површините под зелка и пиперки се зголемиле за 10 до 20 проценти во однос на лани. Инаку, зелката неколку години беше најизвезуваниот зеленчук од земјава. Лани извозот изнесувал 29.9 милиони евра, што е раст од 21 отсто во однос на 2022 година.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.