Телохранителот на СДСМ ги обвини медиумите кои го претставиле како монструм
Објавено во: Македонија 22 Октомври, 2016
Телохранителот Александар Трајков кој беше дел од голема тепачка во струмичка дискотека испратил писма со предупредување за тужби за навреда и клевета бидејќи дел од медиумите изнеле голем број на невистини за инцидентот, полни со лаги и претерувања и дека го повредуваат неговото достоинство како личност.
Медиумите кои добија вакви писма секако, не реагираа највоодушевено и напротив ја продолжија острата реторика и против СДСМ бидејќи нивниот телохранител иако е пријавен за насилство сега се заканува и со тужби против новинари што е одлика и на партијата.
МВР покажа дека работи на случајот дека министерот Спасовски нема намера да го сокрие иако имаше критики дека реагирано е доцна откако бил направен обид да се сокрие инцидентот.
„Министерството за внатрешни работи во врска со настанот кој се случи пред кафе барот „Платиниум“ во Струмица во раните утрински часови, а кој беше уредно пријавен во билтенот на МВР во 7:45 часот, ја известува јавноста дека во тек е постапката за расветлување на истиот, сослушување на сведоци и преземање на сите неопходни мерки за утврдување на околностите во кои се случил настанот и одговорноста на учесниците. МВР ја уверува јавноста дека сите неопходни постапки се одвиваат максимално професионално, со почитување на законските и подзаконските одредби и апсолутно е исклучено било какво политичко или партиско влијание како резултат на партиска припадност на некој од учесниците во настанот. Во моментот кога ќе бидат утврдени сите елементи од настанот, јавноста ќе биде известена и ќе бидат преземени неопходните законски дејствија“, стоеше во полициското соопштение.
СДСМ исто така посочи дека расветлувањето и расчистувањето на инцидентот ќе му го препушти на МВР и надлежните органи.
„Во врска со информациите за евентуална инволвираност во инцидент на Александар Трајков, едно од лицата од придружбата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, соопштуваме дека споменатото лице било приватно излезено во Струмица, додека претседателот Заев присуствувал на партиски активности во Охрид. Посоченото лице ќе биде отстрането од придружба на претседатателот Заев на определно време, во исчекување на наодите во МВР“, соопштија претходно од СДСМ.