16 Јули, 2025
0.0266

Тодоровски: Не очекувам на Иран да му се случи „Југословенско“ сценарио

Објавено во: Анализа 27 Јуни, 2025 07:55

Добивај вести на Viber

Од пандемијата со Ковид-19 преку војните во Украина и Блискиот Исток и последователните економски, енергетски и безбедносни кризи се обликува новиот светски поредок кој сериозно се заканува да ги наруши постулатите вградени по Втората светска војна. 

Глобалните отворени прашања сѐ почесто ќе се решаваат со воена сила, а не преку меѓународното право смета Дарко Тодоровски докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација.

„Меѓународните односи се архаични, и големите сили кога се во прашање нивните стратешки цели се спремни на сѐ“, смета тој.


Како американскиот напад врз Иран ќе го промени светот?

„Меѓународната заедница се подели кога е во прашање американскиот напад врз иранските нуклеарни објекти. НР Кина, Русија, глобалниот југ, како и 57 држави од исламскиот свет го осудија американскиот напад. Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш изјави дека американските напади врз Иран се „директна закана за меѓународниот мир и безбедност“. Од друга страна, западните држави и сојузниците на САД го поддржаа американскиот напад“, вели Тодоровски. 

Трамп вети дека нема да почнува нови војни и дека ќе ги заврши почнатите, но сепак влезе во конфликтот меѓу Израел и Иран. Колку оваа постапка ќе се одрази во меѓународните односи особено со легитимитетот на Западот?

„Надворешната политика на Трамп се базира на "мир со посредство на сила". Со посредство на сила Трамп и САД и ставија крај на „12-дневната војна“ помеѓу Израел и Иран, односно со операцијата „Полноќен чекан“ за уништување на подземните ирански нуклеарни објекти во Фордоу, Натанц и Исфахан, јасниот сигнал до Техеран дека САД се спремни воено да се вклучат во војната на страната на Израел, како и притисокот врз Израел и Нетанјаху, ги принудија Техеран и Тел Авив да објават прекин на огнот и примирје. Следат тешки преговори за иранската нуклеарна програма, и од нивниот резултат зависи дали и колку ќе се почитува примирјето помеѓу Израел и Иран. Јас очекувам во иднина Израел да продолжи да спроведува ограничени напади против Иран“, посочува Тодоровски. 

Нетанјаху одигра all in, Трамп ја плати раката

„Трамп и САД влегоа во овој конфликт на страната на Израел бидејќи и САД и Израел, нема да дозволат Иран да направи нуклеарна бомба. Израел тоа го сфаќа како егзистенцијална закана за своето постоење. Дали и колку Иран бил блиску да направи нуклеарна бомба е друго прашање. Израел е најбитниот стратешки партнер на САД, и САД се гарант за израелската безбедност и стратешки интереси. САД се обврзани воено да му помагаат на Израел со Договорот за меѓусебна одбранбена помош меѓу САД и Израел од 1952 година“, оценува Тодоровски.

Дали на Иран може да му се случи „југословенско“ сценарио?

Прогнозите дека режимот на ајатолахот Камнеи конечно ќе се сруши и дека иранскиот народ ќе поведе револуција што може да резултира со граѓанска војна засега не се остварија.

„Не би рекол дека може да му се случи "југословенско сценарио" (доколку се мисли на распаѓање), особено после постигнувањето на примирјето. И покрај првичниот шок на почетокот на војната, властите во Техеран се консолидираа и ја контролираат ситуацијата во Иран. Немаше протести, обиди за востанија во регионот Белуџистан каде со години се водат локални борби, и во регионите Ирански Азербејџан каде живеат азербејџанци, и Западен Иран каде живеат курдите. Иран и понатаму е под жестоки санкции, и на Иран може да му се повтори ситуацијата со Ирак после 1991 година, или Сирија после 2011 година, односно економска криза, и продолжување на внатрешните социјални кризи, и тивка деградација на властите во Техеран“, смета Тодоровски.

Каков треба да биде ставот на македонската надворешна политика за овие прашања, дали сме премногу пасивни и што можеме ние да понудиме како мала држава, но и кои се ризиците кои може да да ги очекуваме?

„Видете, Македонија нема некои стратешки интереси на Блискиот Исток, и реално, после распадот на Југославија, Македонија нема големо дипломатско и економско присуство во регионот. Македонија, а и Балканот, немаат што дипломатски да понудат. Дури ни посредничката мисија на Франција, Германија и Велика Британија не вроди со плод. Тоа што се случува на Блискиот Исток, не е директна закана за Македонија и за Балканот. Ризици секогаш постојат, можна е нова бегалска криза, енормен раст на цените на нафтата, и дека во иднина, Иран преку свои структури може да се обиде да покрене некои тајни операции против туристи од Израел, израелски дипломати и компании на Балканот. Но реално, во тајната војна помеѓу Израел и Иран, Балканот не е приоритет“, вели Тодоровски. 

Дали под ваков напад каков што е Иран се тестира кохерентноста на БРИКС, кои се црвените линии на Русија особено по фијаското во Сирија и дали овие традиционални партнерства ќе се одржат и како?

„Прво, и НР Кина и Русија се против Иран да направи атомска бомба и да влезе во атомскиот клуб на држави. И НР Кина, и Русија почнувајќи од 2006 година, во Советот за Безбедност на ООН, гласаа за санкции и шест резолуции против Иран и неговата нуклеарна програма. Иран не е стратешки сојузник ниту за НР Кина, ниту за Русија.

БРИКС за разлика од ЕУ или НАТО, не е унија или сојуз со конкретни политички, економски и воени обврски, туку е платформа за соработка помеѓу разни држави без политички, економски и воени обврски. Не постои никаква кохерентност во БРИКС, во БРИКС има држави кои што имаат нерешени отворени прашања. БРИКС не е приоритет во кинеската надворешна политика и стратегија. 

Падот на Асад не би го нарекол фијаско на Русија. Да, тоа е пораз на шаховската табла за Русија, и тоа силно ги ослабна позициите и имиџот на Русија на Блискиот Исток. Но, Русија уште го задржува военото присуство во Сирија преку неколкуте воени бази, плус уште има некое влијание на Дамаск преку воено-политичката соработка. Но факт е дека главниот играч во Сирија сега е Турција.

Падот на Асад беше геостратешки пораз за Иран, кој што ги отвори вратите на Израел за напад врз Иран. 

Иран во 2021 година потпиша со НР Кина Договор за сеопфатна соработка и во 2025 година потпиша со Русија Договор сеопфатно стратешко партнерство. И двата договора се пред се економски, а интересно е дека во членовите посветени на соработката во сферата на одбраната и безбедноста, нема точки за обврзувачка воена помош доколку некоја од државите потписнички на договорот е нападната. На тој начин, ниту Русија ниту НР Кина се обврзани воено да му помагаат на Иран“, анализира Тодоровски.

Кои се следните глобални предизвици по иранско-израелскиот конфликт и системот на меѓународното право и механизмите на решавање конфликти, дали тоа отвара пат за поагресивните стратешки цели на Русија и Кина во однос на Украина и Тајван?

„За Русија, за руската надворешна политика главно егзистенцијално прашање е Украина и постигнувањето на Договор за нова европска стратешка безбедност. Преговорите во 2025 година помеѓу Русија и САД како и помеѓу Русија и Украина завршија со неуспех, и јас очекувам во наредниот период Доналд Трамп да излезе со нова понуда за Русија и Украина. Дали двете страни ќе се согласат, тоа е друго прашање, бидејќи разликите како Русија и Украина го гледаат крајот на војната се дијаметрално спротивни. 

Тајван е дел од НР Кина и тоа го признаваат сите меѓународни организации. Пекинг од секогаш се трудел да го врати Тајван по мирен пат. Тајван е црвената линија за Пекинг. Но во последно време Тајван превзема чекори кои ја иритираат НР Кина. НР Кина постојано спроведува воени вежби во близина на Тајван, и врши забрзана модернизација на армијата. Во иднина не би исклучил и воено сценарио за враќање на Тајван во родното пристаниште, доколку властите на Тајван превземат радикални чекори за меѓународно признавање на независноста, или доколку САД го признаат Тајван“, заклучува Тодоровски.

Х.С

Можеби ќе ве интересира

За нив ќе нема коктел на плажа - Кои општини влегоа во жешко политичко лето

За нив ќе нема коктел на плажа - Кои општини влегоа во жешко политичко лето

Системот на ЦУК за испраќање пораки не крши закон: Еве како функционира

Системот на ЦУК за испраќање пораки не крши закон: Еве како функционира

Најбогатиот Турчин демантира: не ја купил штипска „Брегалница“

Најбогатиот Турчин демантира: не ја купил штипска „Брегалница“

Кој знае и може да произведе и продаде зеленчук за 6 милиони евра во шест месеци? И да направи профит од 2,5 милиони евра!!!

Кој знае и може да произведе и продаде зеленчук за 6 милиони евра во шест месеци? И да направи профит од 2,5 милиони евра!!!

ПОПИС ВО 2026 ГОДИНА: Реална потреба или политика?

ПОПИС ВО 2026 ГОДИНА: Реална потреба или политика?

Бришењето на „македонски“ во Брисел „кец на десетка“ за уставните измени

Бришењето на „македонски“ во Брисел „кец на десетка“ за уставните измени