ТОНОВСКИ: Граѓанска војна би го довела во прашање историскиот континуитет на Македонија!
Објавено во: Македонија 13 Март, 2017 08:35
Во
Република Македонија владее тензична па дури и стресна состојба.Гневот се
изразува на улица бидејќи се стега обрачот на правдата oколу авторитарните центри заради нивните големи
злоупотреби на власта од кои резултираа проблеми со корупција, диктаторски
систем на владеење, урнисување на човековите права во земјава и слични дејанија
кои сосема го срушија угледот и имиџот на Република Македонија во светот како
млада земја со демократска ориентација и со аспирации кон Евроатлантските
структури. Наместо таквиот имиџ земјава наликува на диктаторските режими во
Централно-азиските републики- вели во интервју за Фактор, универзитетскиот
професор Ѓорѓи Тоновски.
На протестите “За заедничка Македонија”, вели се користи бујна и препознатлива националистичка и заканувачка реторика кон сите неистомисленици од сите социјални статуси, со јасна нагласка врз припадниците на интелектуалниот свет. За жал, додава професорот, ваквата реторика и закани преку „гумени куршуми„, „ноќ на долгите ножеви„, и слични „патриотски„ досетки доаѓа од устите на бројни припадници на интелектуалната групација што познавачите е јасен индикатор за опфатот и длабочините на клиентелистичката свест и практика во недемократските социјални релации во земјава.
“Голема река од луѓе, организирана од здружението наречено “За заедничка Македонија”, подолго време се движи по улиците на македонските градови со бројни пароли меѓу кои и онаа за „Чиста Македонија„. Смислата на паролата не се однесува на екологијата, туку на социјалната димензија на македонскиот социум. Званичен spiritum movens на движењето е протест против тнр. Албанска (или Тиранска) платформа, која од страна на организаторите и учесниците во протестите е прогласена како антинационална и опасна за македонскиот карактер на републиката. Притоа, голем дел од граѓанскиот револт е насочен кон опозицијата и нејзините преговори со партиите од Албанскиот кампус со што треба да се обезбеди мнозинство во новиот неодамна легално избран Парламент и да се формира нова Влада. За едни тоа е повик за спасување на државата од „албанската опасност за доминација и преземање на дравата на Македонците„. Во таквата намера на „клетите Шиптари„ за присвојување на македонската земја наводно здушно им помага опозицијата (потпомогната од меѓународната заедница) со нејзиното попустливо однесување, а со цел да ја преземе власта во републиката на „нелегален и нечесен начин„.За други, протестите претставуваат залудно трошење на голема количина на општествена енергија која се разлева низ булеварите и улиците, но е погрешно насочена и употребена, нејасно дисциплинирана и оркестрирана од некои извикани центри на моќта во власта”- објаснува проф. Тоновски.
Протестот како што вели е во основа манифестација на правото за несогласување или револт со определени општествени состојби и ситуации. Прашањето е за која цел, намена, но и како и со какви средства тој се изразува во јавноста.
“Во демократските земји постојат утврдени правила во врска со изразувањето на несогласувањето, револтот и начинот на кој тоа се изведува. Овој протест на моменти излегуваше од предвидените норми, рамки но се создаваше привид за некакво негово комплетно „демократско одвивање„. Едно е сигурно – протестот сепак нема да ескалира но тој може да трае подолго време. Реакциите на јавноста околу должината на времетраењето на протестот потенцираат и групираат повеќе фактори: демократизација на ВМРО ДПМНЕ, но тоа би бил долг и сложен процес; стигнување на раката на правдата до центарот на „клептократите„ што би можело да натера многумина да се обидат на време да заминат во, според нивната проценка, „побезбедни и посигурни„ дестинации во светот; топење на причините за клиентелизам и потчинетост; успех на опозицијата да формира Влада која веднаш би ги отпочнала реформите што би ја вратило довербата на граѓаните во институциите на социјалниот систем”- потенцира универзитетскиот професор.
Во протести кои се организираат како што вели со привидно нејасни намери, а во функција на определени интереси на одделни социјални групи, интензитетот на манифестирање на предметот на настанот зависи од нивото на (не)успехот во остварувањето на проектираната цел.
“Во општествената клима во македонското општество не е манифестирана толкава жестина на меѓусебното неразбирање на едните наспроти другите за да се „помине Рубиконот„ кон нешто што би имало димензии и карактеристики на безбедносен проблем кој би граничел или би ескалирал во немири со размери на граѓанска војна. Сигурно е дека (освен можеби во главите на некои осамени авантуристи) кај огромниот дел од учесниците на сите протести што се случуваа во последниве години во Република Македонија (јасно, и во овој протест) не постои нити идеја нити волја за трансформација на политичката криза во граѓанска војна. Тоа не би решило ништо, но би оставило неизбришливи траги во историското паметење и живеење на овој простор. Ова е мала земја, со мала популација, со заедничка судбина и соработка низ историјата на мултиетникумот. Секакво насилно излегување од нормалното течение на историјата би го довело во прашање самото опстојување на историскиот континуитет на земјава и во етничка и во државничка смисла. Целата приказна би завршила со форма на територија околу која потоа долго време би се натпреварувале и надмудрувале дипломатските виртуози. Впрочем, реакцијата на меѓународната заедница ја има во себе токму таквата порака – разрешување на кризата и натамошен развој и пат на земјата кон Евроатлантските интеграции”- нагласува професорот по социологија.
Значајно во ваквата реакција и порака според него е заложбата на меѓународната заедница за одржување, а не распаѓање или делење на земјата. Ако во услови на криза има определба и гаранција дека опстанокот на односната земја не се доведува во прашање туку, напротив, таа е гарантирана од меѓународната заедница, тогаш одговорноста за карактерот на кризата, како и за побрзо разрешување на самата криза, а со тоа и за создавање услови за натамошен мирен цивилизиран развој како редовен и етаблиран член на меѓународната заедница и на Европската Унија, паѓа на домицилните субјекти, општествено-политички кои решаваат за состојбите во самата земја.
Вниманието на јавноста како што вели треба да се врати во нормалната состојба во која луѓето се прво загрижени и ангажирани на својата егзистенција и квалитетот на живеењето, а потоа да се интересираат и за квалитетот на социјалното милје во кое се вбројува и самата политика. Таква практика не е илузија или нереалност, туку напротив вели е основна практика во западните развиени општества во кои политиката е дејност со која се занимаваат оние што сакаат да дадат свој придонес во развојот на нивните општества и во кои политиката не е најдобриот начин за богатење и за надокнада на „изгубените илузии”. Таа во нормалниот свет според него е остварување на личниот сон за идентитетско вградување на успешните луѓе во темелите на нивните стабилни и примерни заедници.
“Недемократските системи, со цел да ја држат цврсто власта и да владеат што подолго, вклучуваат и инвентираат повеќе методи во врска со тоа на кој начин да се третира „човечката материја„ и кога се работи за поединечни судбини, и кога се работи за отежнување на меѓучовечката комуникација на ниво на примарните групи. Острицата на нападот е особено насочена кон политичките противници и неистомислениците. Арсеналот на ваквите методи и средства е многу голем – сатанизирање, манипулации, спинување, дезинформации, но и оние со посериозни последици кои влегуваат во доменот на драстичните безпризорни узурпации и кршења на човековите права и слободи како незаконско лишување од слобода, лустрации во инквизиторски дух. Крајната варијанта на диктатурата во оваа област е страв од било каква критика или дури и споменување на имиња на луѓе од владеачката врхушка во секојдневните неофицијални разговори помеѓу обичните луѓе. Сведоци сме на апсолутна доминација на политиката. И тоа само од една провиниенција и една партија (од врвот на власта до месните заедници во сите населени места). На неа се шлепаат неколку мали некритички сателити кои како израстоци паразитски се залепени на телото на владеачката партија”- додава професорот.
За да излезе од лавиринтот на политичката криза Македонија вели би требала доброволно да се претвори за определен временски период во „дебатен клуб„ во сите заедници, организации, установи, насекаде каде пулсира социјалниот живот каде треба да се одвива сериозен и длабок дијалог за сите социјални прашања.
“Должност на новата политика и новата филозофија на владеење е да создаде услови за дефинитивна победа на разумот и општествената солидарност и кохезија на Македонците меѓусебно, но и заедно со другите етнички заедници. Тоа е насока за идниот ангажман, рејтинг и имиџ на македонското мултиетничко и мултикултурно општество. За тоа постојат и соодветни човечки и материјални ресурси, но и подршка од добронамерната меѓународна заедница”- порачува професорот Тоновски.
С.Б.Можеби ќе ве интересира
(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име
Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки
Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината




