08 Декември, 2024
0.0288

Трамп целосно ја сврте играта со поткастите - Ќе се исплати ли против Камала?

Објавено во: Анализа 05 Ноември, 2024

Добивај вести на Viber

За првпат во историјата на американските претседателски избори кандидатите ги искористија поткастите за пласирање на нивните пораки во изборната кампања. Како овој нов медиум може да влијае врз кампањата, дали Трамп или Камала направија подобри избори во гостувањата на популарни поткасти, ќе покажат резултатите од претседателските избори, но едно е сигурно - политичката наука долго вреќе ќе ги анализира овие новитети и ќе се обиде да ги искористи во наредните циклуси.

„Поткастите веќе извесен период се популарен формат кој се користи од медиумските куќи, како и од многу други сериозни брендови и организации со цел постигнување на подобри резултати во рамките на нивните комуникациски или маркетиншки канали“, оценува комуникологот Бојан Кордалов, експерт за нови медиуми.

Тој додава дека поткастот како формат е доста распространет меѓу младата публика и потенцијалните млади гласачи. Оттука, во време кога светот се соочува со опаѓачки интерес кај младите луѓе за политика, општествен активизам и учество на избори, ова и тоа како е очекуван потег на политичките кандидати за да допрат и ја мотивираат оваа своја целна група.

Трамп гостуваше кај најпопуларните глобални поткасти во текот на кампањата, речиси игнорирајќи ги традиционалните телевизиски мрежи кои ги нарекува „фејк“. Гостуваше кај Патрик Бет Дејвид, шоуто на Ендрју Шулц, комичарот Тео Вон, а кампањата кулминираше со тричасовниот разговор со Џо Роган, моментално највлијателниот подкаст во светот.

Од друга страна Камала гостуваше во „Call her Daddy“ поткастот на младата феминистка Алекс Купер и во „Club Shay Shay“ на коментаторот Шенон Шарп, а се појави и во комичното шуо „Saturday Night Live“, но не стигна да гостува кај Џо Роган.

„Поткастот овозможува на секој политички кандидат или кандидатка да допре до потаргетирана публика, особено преку изборот на теми кои ќе бидат опфатени и разговарани. Тука дополнително, би ја споменал и можноста за обработка на теми кои не се детално разработувани во рамки на традиционалните медиуми поради ограниченото време или простор на телевизиите, радијата, весниците, па дури и на онлајн порталите. И на крајот, концептот на подкаст одамна стана популарен поради својот „on demand“ формат, односно можноста вие да изберете време и место кога ќе го проследите: додека спортувате, патувате, чекате одреден состанок и слично“, оценува Кордалов.

Во САД подолго време се води „битка“ со традиционалните медиуми. Поткастите се повеќе го пополнуваат тој простор за проширување на политичкиот дискурс.

„Секој медиум си има своја публика, формат на емитување и други специфики. И затоа во американската, но и секоја друга кампања е најважно да знаете на кои платформи на кои целни групи се обраќате и според тоа да ги креирате темите и пораките кои ги испраќате. Со други зборови, говориме за надополнување, воведување и на нови содржини, но и задржување на многу од традиционалните канали. Всушност, клучното прашање за кандидатите и медиумите е дали и колку тие се прилагодуваат брзо на новите навики на публиката и електоратот за начинот на кој сакаат да ги добиваат информациите и да се вклучат активно или пасивно во предизборните кампањи“, смета Кордалов.

Меѓутоа поткастите може да влијаат негативно во развојот на политичката дебата, особено со недостигот на новинарски кредибилитет и третирање на теми само за привлекување лајкови и прегледи на инфлуенсерите.

„Опасноста секако постои, особено ако не ја прифатиме новата реалност дека нема да се врати времето на централизирано пренесување на информациите и вестите кои поминуваат низ филтри. Дополнително, денес има потенцијал за секој човек да се обиде да стане своевиден „медиум“ и да се обиде да освои што е можно поголема публика. Јас би нагласил дека мора да се потсетиме дека законите постојат и треба да се применуваат во секоја прилика, односно дека секој човек кој тргнува со желба да биде популарен онлајн на недозволив начин директно се судира со законите и важечките норми“.

Кордалов смета дека треба да се работи на стратегија за промоција на содржини кои ќе се истовремено интересни за публиката, убаво и атрактивно спакувани, но и точни вести кои не дискриминираат или доведуваат некого во заблуда.

Х.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.