Интервју со Александар Кржаловски - Извршен директор на „Македонски Центар за меѓународна соработка“ и учесник во процесот на креирање на НРС
Треба да се слушаат гласовите од граѓаните и целото општество, и промените во иднина да одговараат на потребите на граѓаните
Објавено во: Мои пари 27 Февруари, 2024
Продолжуваме со серијата интервјуа посветени на процесот на креирање на Националната развојна стратегија - визионерски стратешки документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години. Подготовката на овој сеопфатен стратешки документ се одвива преку процес на широка консултација, вклученост на сите чинители, како и преку градење меѓу-генерациски, меѓу-етнички, меѓу-партиски и родов консензус помеѓу клучните општествени чинители.
Националната развојна стратегија (НРС) е веројатно уникатен пример на натпартиски документ чија цел е да обезбеди консензус за развојниот пат на државатаи општеството во следните години. Во креирањето на стратегијата беа вклучени сите политички и неполитички фактори, како и сите засегнати страни во државата. Со оглед на тоа што сте и директно вклучен во овој процес, дали мислите дека НРС ги рефлектира реалните предизвици и може да придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните?
Во изготвувањето на досегашните државни стратегии (а ги имало многу, во разни сектори) имало обиди за пошироко учество (партиципативност) и вклученост на засегнатите страни (вклучително и опозицијата, т.е. партиите од целиот спектар), дел од нив и успешни. Сепак, точно е дека ретко која од нив доживувала да биде преземена, прифатена и спроведувана од партиите кога доаѓале на власт. Повообичаена пракса била да се почне одново, со изработка на нова стратегија, а често за тоа се трошел поголемиот дел од мандатот, па не остануваше многу време тие и да се спроведат.
Исто така, реткост е да има систематски и стратешки пристап кон развојот на државата и покрај еден обид за национачна развојна стратегија изготвена од МАНУ во деведесеттите (во не баш транспарантна и партиципативна форма), досега и немаше ваков обид. Во таа смисла за поздравување е иницијативата за оваа НРС, нејзиното долго осмислување, обидот за исклучително партиципативна подготовка, како и финализирањето – кон крајот на мандатот на ова Собрание и Влада, со надеж дека ќе биде и усвоена и потоа спроведувана од која било нова Влада.
Како учесник во процесот, јас во секоја прилика укажував на потребата од вклученост и на опозицијата, токму за да се обезбеди спроведување и во случај на промена на власта, а уште повеќе дека содржаните решенија се постигнати со консензус.
Сепак, барем во обемот во кој јас учествував, не добив впечаток за значителна вклученост на опозицијата, а скептик сум и за посветеноста на партиските фактори (од повеќето субјекти) за нејзино спроведуање. Но, да се надеваме дека грешам.
Еден тест за тоа ќе биде видлив и пред самите избори – а тоа е во колкава мерка решенијата од стратегијата ќе бидат преточени во партиските програми. Уште во нив ќе видиме дали и колку има посветеност кон НРС и да процениме колкави се шансите таа да биде успешна.
Во однос на нејзината содржина, сметам дека е прилично сеопфатна и ги покрива повеќето битни општествени феномени. Особено ми е драго што доста внимание е посветено на демографијата (имав неколку укажувања во таа насока), како основа за било какви планирања на иднината. За жал во сите варијанти трендот е надолен, па тоа не ми укажува дека е реално да се очекуваат подобри резултати во сите аспекти (како што е сега планирано), кога тој основен параметар ќе е негативен.
Второ, можеби не сум доволно запознаен со сите детали, но она што е содржано во конечната верзија на главниот документ (НРС), за мој вкус е недоволно детално и прецизно, особено во однос на обезбедувањето на основните парамтери на одржливоста – како на пример, енергетстката независност (не видов да има прецизни насоки како и кога ќе се обезбеди тоа... со кој тип на енергија, со какви електро-централи, со која моќност и кои средства, ем во кој рок). Ова особено во актуелнава ситуација, кога повторно пропадна тендерот за Чебрен, а се чини на прилично ад-хок база се одобруваат нови постројки, па и т.н. стратешки инвестиции, а за кои нема соодветни индиции во стратегијата.
Како процес, креирањето на Националната развојна стратегија успеа да обезбеди позитивна средина за национален консензус, што до овој момент не било случај со ниту еден стратегиски документ или процес. Документот е поддржан од сите политички фактори, па оттука, дали ова нѝ дава простор да веруваме дека без оглед на тоа која партија или партии ќе бидат на власт во одреден момент, имплементацијата на НРС ќе се реализира конзистентно и принципиелно?
Веќе посочив во одговорот на претходното прашање, дека и покрај постигната партиципативност досега, голем предизвик ќе е НРС да биде општо-прифатена (од сите партии) и потоа спроведувана. Меѓу другото и затоа што ваквите стратегии не се земаат сериозно од политичките партии, дури и кога се на власт, ниту има соодветни механизми за нивно спроведување, следење, ниту финансирање (вообичаено, ретко се предвидува буџет за тоа).
Овој обид со НРС секако е посериозен и посеопфатен, а има и предвидени механизми за водење и следење, па и некакви финансиски насоки (но допрва ќе треба да се види дали тоа ќе се интегрира во буџетскиот процес и соодветно ќе биде финансирано). Впрочем, изборите се наскоро, па ќе видиме доста брзо дали НРС ќе заживее (ако воопшто ги преживее изборите и се најде во програмата на следната Влада).
Освен политичкиот фактор, за успешна имлементација на стратегијата е важна и релевантноста на зацртаните цели и активности кои треба да се реализираат во следните 20 години. Сведоци сме дека не само политичкиот, туку и севкупниот општествен, економски, социјален, па ако сакате и технолошки контекст е многу променлив. Кој е најдобриот начин да се остане на вистинскиот пат и соодветно да се модифицираат одредените аспекти на стратегијата, врз основа на промените кои несомнено ќе ги носи иднината?
Повторно, иако се дефинирани областите, целите, па и приоритетите за развој, следната Влада ќе треба да го преточи тоа во својата програма и да алоцира значително средства, особено за работите кои бараат повеќегодишни значителни финансиски издатоци (особено во делот на енергетиката, како и инфраструктурата). Тоа ќе треба да е поддржано и од опозицијата и потоа да се спроведува конзистентно и ефикасно (а не како сегашните проекти како автопатот кон Охрид или изградбите на хидроцентрали).
И да, живееме во времиња кои се се подинамични и промените се побрзи, па такво треба да биде и прилагодувањето. И да, тука треба да се слушаат гласовите од граѓаните и целото општество, за тие прилагодувања да се соодветни на современите текови, а да одговараат на потребите на граѓаните.
Како човек кој долго време е активен во граѓанскиот сектор и добро запознаен со општествените прилики во државата, што сметате дека е најважно да се направи на почетокот на имплементацијата на стратегијата, за овој процес биде успешен? Кои се предизвиците кои треба најитно да се адресираат?
Повеќето работи веќе ги истакнав погоре... Битно е главните елементи од НРС треба да се содржани во програмите на сите партии. Ова може и проактивно да им се предложи, а по нивното објавување и да се провери.
Сепак, најважно ќе е што од сето тоа ќе вклучи новата Влада (која и да е партија/коалиција победничка) во програмата за работа и колкави финансии ќе алоцира за нејзино спроведување.
Пред се тука ќе треба да се дефинираат стратешките проекти во енергетиката и инфраструктурата.
Поголем дел ова ќе биде познато до крајот на ова полугодие, а веројатно сите елементи до крајот на годината, со донесувањето на Буџетот за 2025 година.
Да се надеваме дека ќе видиме голем дел од НРС во сите овие постапки!
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.