Добивај вести на Viber
Веќе три седмици траат протестите во Софија и другите големи градови во Бугарија против владата на Пламен Орешарски. По пиењето на кафе вчера наутро пред парламентот и вечерта пред Министерскиот совет во центарот на Софија, за денеска е закажан целодневен протест.
Протестите и митинзите во земјата започнаа на 14 јуни, по изборот на Делјан Пеевски за шеф на Државна агенција за национална безбедностДАНС, кој избор подоцна беше отфрлен од Народното собрание. Демонстрантите продолжија да протестираат секој ден носејќи транспаренти „Ова не е серенада! Оставка!" и „Го арчите буџетот, а? Доаѓаат избори".
Почетокот на 21-тиот ден од масовните протести под наслов # ДАНСwithme, беше обележана со полесни расправии меѓу демонстрантите и возач на еден автобус кој сакал да помине по булеварот „Цар Освободител". По интервенцијата на полицијата автобусот свртел и е избегнат посериозен инцидент.
Синоќа вообичаено состојбата беше мирна , а полицијата ги чуваше зградите на Министерскиот совет, Претседателството на Собранието и канцелариите на политичките партии.
„Не сме тука на прошетка, тука сме за да ви испратиме. Збогум, збогум!", извикуваа луѓето барајќи Владата да поднесе оставка. Група џез музичари во Софија вчера вечер го одржуваа расположението на демонстрантите со импровизации пред фонтаната до претседателството.
Дел од демонстрантите делеа балони со натпис „Оставка", кои потоа сите учесници ги пукнуваа. Во 19.30 часот во просторот пред Министерскиот совет се собраа околу 3.000 луѓе. Подоцна поворката се упати по веќе вообичаената рута - кон парламентот, по „Орлов мост" и кон останатите институции извикувајќи пароли против новата владина коалиција од социјалистите и партијата на турското малцинство (ДПС) .
Пред Националниот дворец на културата „НДК“ веќе вообичаено синоќа се собраа и поддржувачите на владата на Пламен Орешарски кои се во помал број и се организираат преку социјалната мрежа Фејсбук.
Истовремено протести против владата има и во Пловдив, Варна, Бургас и Сливен.
За денеска организаторите на демонстрациите повикаа на целодневен протест од 8 до 17 часот пред Народното собрание и плоштадот„Св Александар Невски".