ТРОШОЦИТЕ ЗГОЛЕМЕНИ ДО НЕБО, цените на земјоделските продукти на исто ниво, земјоделците се откажуваат од производство
Објавено во: Агробизнис 22 Јули, 2022
Растот на цените на трошоците во земјоделското прооизводство ги загрижува земјоделците, кои велат дека имаат драстично поголеми издатоци, а цените на крајните продукти им остануваат исти, поради што стравуваат дека работат со загуби.
Дека трошоците им се зголемени говорат и последните податоци на Државниот завод за статистика, кој го објави индексот на цените во земјоделството, каде има раст на инпутот од 25,8 отсто.
- Индексот на цените во земјоделството во јуни 2022 година, во однос на истиот месец од претходната година, кај инпутот е зголемен за 25,8 отсто, а кај аутпутот се бележи зголемување од 9,8 проценти. Во јуни 2022 година, во споредба со јуни 2021 година, индексот на цените на инпут 1 (тековно потрошени средства во земјоделството) изнесува 126.6, а индексот на цените на инпут 2 (средства наменети за инвестиции во земјоделството) изнесува 114.3 – пишува ДЗС во соопштението.
Растот на цените на трошоците според земјоделците е голем проблем, бидејќи не успеаваат да ги покријат трошоците за производството со цените по кои ги продаваат земјоделските продукти.
- Имаме 100 отсто зголемени трошоци. Само ако ги споредиме цените на горивата, од ланските 60 денари за литар, сега над 100 денари, трошоците ни се вивнаа. Дополнително и цените на ѓубривата драстично поскапеа. Лани овој период ги купувавме азотните ѓубрива за 800 денари, годинава истото пакување чини 2.800 денари. Азотните ѓубрива се неопходни во земјоделството, особено кај житните култури, за нивно прихранување. Така што имаме многу поголеми трошоци во споредба со лани, а цените на нашите производи се исти. Поскапување има и кај хемикалиите кои се користат во земјоделското производство, но тука поскапувањето не е толку големо – вели еден скопски земјоделец.
Тој за Фактор потенцира дека голем број земјоделци сега се во незавидна позиција, бидејќи трошоците кои ги направиле за производството, тешко ќе ги повратат, со оглед дека цените на пазарите не можат да ги зголемат колку што им се зголемени и трошоците.
- Нема можност да ги зголемиме цените на доматите, или краставиците, или што и да произведуваат земјоделците. Платите се исти, цените на нашите продукти се како лани, а трошоците се многу поголеми. Многу земјоделци велат тешко дека ќе продолжиме со работа, особено што оваа година имавме и остатоци од ланските евтини ѓубрива, догодина веќе ќе нема, и сега веќе нема ниски цени... Да не навлегуваме во трошоци за други материјали, стана многу неисплатливо. Ова е мачна работа, а ако нема заработка зошто да ја работиме – вели нашиот соговорник.
Сопругата на земјоделец од Струмица ни посочи дека поради растот на трошоците и неисплатливоста да се биде земјоделец, нејзиниот сопруг го напуштил земјоделството и почнал да вози камиони, наместо да одлгедува земјоделски продукти.
- Трошоците значително ни се зголемија, стана неисплатливо, поради што сопругот се откажа од земјоделството. Јас одгледувам само брзорастечки дрва, а со другите култури веќе не се занимавам – вели Славица Паланкова.
Претставниците на Националната федерација на фармери, исто така укажуваат оти поксапувањето е причина за намалување на обработливата површина во Македонија, и велат дека и статистичките показатели покажуваат оти производството на пченица опаѓа од година во година.
- Најголема причина за ваквата ситуација е што производната цена со години се зголемува, оваа година со поскапувањета е драстично зголемена и според пресметката направена на Националната федерација на фармери во март 2022 година таа изнесуваше 20-23 денари по килограм, но сега со поскапувањата на горивата таа е уште поголема. Продажната цена во моментот на пазарот изнесува 18/19 денари по килограм, а Националната федерација на фармери со години бара да се воведе интрвентен откуп на пченица кое согласно Законот за земјоделство и рурален развој, кога продажбата е поголема од откупната цена на пченицата – кажа Мемет Синани, полјоделец од полошкиот региони член на управниот одбор на НФФ.
Сепак од ННФ додаваат дека оваа година за земјоделците најголем проблем се високите трошоци.
- Она што посебно претставува проблем за полјоделците оваа година се зголемените цени за нафта, бензин и ѓубрива за прихранување - вели Стеванче Јорданоски, поледелец од пелагонискиот регион и член на УО на НФФ.
Петранка Огнаноска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.