Продолжува акционерската битка во Реплек: Туџаров и Зимбакова предлагаат нови членови на Надзорниот одбор
Објавено во: Економија 16 Април, 2021
Иван Туџаров генерален директор на Реплек и Даница Зимбакова денеска како акционери кои имаат над пет отсто сопственост во друштвото доставија до берза информација со предлог нови членови на Надзорниот одбор на компанијата. Туџаров преку соопштение од Реплек веќе тврдеше дека не е точно оти е отповикан Надзорниот одбор откако на седницата на редовното Годишно собрание на 8 април годинава мнозинството акционери не ја усвоија информацијата за работата на одборот. Акционерите предводени од Душан и Владимир Пецоски тврдат дека со неодобрувањето на работата и на Надзорниот и на Управниот одбор практично автоматски им престануваат функциите на членовите на овие одбори, што е во согласност со Законот за трговски друуштва. Сепак Туџаров и другите менаџери останаа на позициите, а седницата на продолжување на годишното собрание е закажана за на 22 април годинава.
Во последната објава Туџаров и Зимбакова ги предлагаат за членови на НО, Беака Василако, Јулијана Колева Русовска, Маја Давчева и Бојан Аврамовски за независен член.
На 10 април од Реплек соопшија дека е точно дека акционерите не ја изгласале точката за одобрување на работата на надзорниот и управниот одбор, но точката за отповикување ќе биде на дневен ред на 22.04.2021.
„По повод годишното собрание на Реплек АД одржано на 08.04.2021, дезинформациите и погрешните толкувања кои кружат во јавноста, ве известуваме: Точно е дека акционерите не ја изгласаа точката за одобрување на работата на надзорниот и управниот одбор, но точката за отповикување и именување на нови членови на надзорниот одбор, ќе се спроведе на продолжената седница на собранието која ќе се одржи на 22.04.2021. До тогаш нормално ќе функционираат досегашниот управен и надзорен одбор, се вели во соопштението.
Но мнозинството акционери се повикуваат на членовите 363 и 384 од Законот за трговски друштва според кои доколку акционерите не ја одобрат работата на одборите ним автоматски им престанува функцијата. Акционерите кои не гласаа за доверба на генералниот директор Иван Туџаров и останатите менаџери доставија за ова информации до Комисјата за хартии од вредност и до Македонска берза.
Инаку во Реплек, Иван Туџаров поседува 11,2 отсто обични акции. Друштво за трговија и услуги Ситко Антоинио Доел има 6,1 отсто, Сава Пензиски фонд има 6,4 проценти. Владимир Пецоски поседува 5,79 од акциите, Душан Пецоски 11, 92 проценти, а Славица Туџарова 11,57 отсто.
Сите детали за настаните во Реплек овде
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.