Турците сметаат дека жените не треба да работат
Објавено во: Балкан 06 Ноември, 2013
Жените не треба да работат и треба да се посветат на воспитувањето на децата, ваков став имаат поголемиот број Турци, според резултатите од една анкета.
Истражувањето покажува дека според 61 проценти од испитаниците, „би било добро жената да има работа, но поголемиот број жени прво сакаат да имаат семејство со деца“.
Во исто време двајца од тројца анкетирани оцениле дека и жените и мажите треба да придонесуваат за семејниот буџет.
Половината од анкетираните мажи истакнале дека нивните сопруги не работаат, додека шест проценти од жените изјавиле дека нивните сопрузи немаат приходи. Но, дури 61 отсто од испитаниците навеле дека мажите одлучуваат за распределбата на парите во семејството.
Голем број Турци изјавиле дека децата се извор на среќа, но многумина од анкетираните изјавиле и дека се големи трошоците за одгледување на едно дете. За 43 проценти идеален број на деца во едно семејство се две, а 34 отсто од анкетираните посочиле дека треба да се има три деца.
Повеќе од 70 проценти од испитаниците оцениле дека хомосексуалните двојки не треба да имаат деца.
Само 14 отсто од анкетираните мажи изјавиле дека сериозно помагаат во извршувањето на домашните работи.
Анкетата е спроведена од Меѓународната програма за социјални истражувања во 59 градови, при што се испитани 1.555 луѓе.