УЈП ВО ДЕКЕМВРИ „ДОБРО НАГАЗИЛЕ“ СО КОНТРОЛИ, А ИМАЛЕ И ШТО ДА УЛОВАТ - 80 глоби за неиздавање фискални сметки, а некои вршат и нерегистрирана дејност
Објавено во: Економија 13 Јануари, 2025
Управата за јавни приходи во декември лани, согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања, спровела контроли кај 696 објекти.
Како што информираат од УЈП, од вкупно извршените контроли, кај 512 даночни обврзници не се утврдени неправилности, додека, кај 140 даночни обврзници се утврдени неправилности, и за нив биле изречени соодветни поднесоци.
Па така, биле изречени 80 глоби за сторен прекршок неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра, потоа 29 глоби за неводење книга за дневни финансиски извештаи, 16 глоби за незакупени и нерегистрирани резервни фискални апарати, 8 глоби за прекршок за некоористење на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, 1 глоба за неиздавање парагон - блок за извршениот промет на добра, односно на услуга, 2 глоби за тоа што не прикажувале промет од македонски производи, 2 глоби за неистакнување на видно место соопштение со кое го информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка, и 2 глоби за тоа што не ги чувале и одржувале фискалните апарати во исправна состојба.
„Воедно, УЈП ја информира јавноста дека кај 13 физички лица констатирано е вршење на нерегистрирана дејност и за нив се преземени понатамошни постапки“, информираат даночните власти.
При контролите, 31 деловен објект биле затворени или објектите не биле најдени на наведената адреса или не вршеле дејност во моментот на вршење на контролата.
„Апелираме до сите даночни обврзници да ја почитуваат и да работат во согласност со законската регулатива. Даночната усогласеност не е само законска обврска, туку и основа за создавање на фер и праведен деловен амбиент кој ги поттикнува растот и развојот на економијата“, пишуваат од Управата во своето соопштение до јавноста.