„Македонија пат“ наместо да чисти снег, им плаќа камати на извршители
Објавено во: Економија 13 Јануари, 2025
Јавното претпријатие „Македонија пат“ од вчера е актуелно со чистењето на снегот на регионалните и магистралните патишта, но изгледа дека додека се справува со критиките и забелешките на граѓаните, истовремено плаќа огромни суми за извршни решенија.
Од последниот евидентиран квартал, за работата во месеците јули, август и септември 2024, чиј извештај е објавен на веб-страницата на „Ј.П за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ пишува дека се платени околу 2 милиони евра во овој период за камати и извршни решенија кон економски оператори со кои претходно биле склучени договори.
Во првиот квартал за камати и извршни решенија биле платени 200.000 евра, во второто тромесечие тој износ бил половина милион евра, за во третиот од минатата година да бидат исплатени нешто повеќе од 118 милиони денари, или безмалку 2 милиони евра по овој основ.
Во извештајот пишува дека „обврските за штети по извршни решенија“ изнесуваат 5 милиони евра и дека во споредба со истиот период од минатата година се зголемени за 41,61 отсто.
„Во состојба на намалена реализација и соодветно на тоа намалени материјални нематеријални трошоци, поразителен е фактот дека по основ на камати доставени од страна на економските оператори за задоцнето плаќање, претпријатието искажува загуба. Во ваква незавидна финансиска ситуација, заради со години наназад наталожените обврски, се обезвреднуваат сите напори на раководството за добро менаџирање и функционалност, што е од виталмно значење за одржување на автопатите, за нивна безбедност и проодност во сите временски услови“, коментира „Македонија пат“ во отчетот.
Ова претпријатие се финансира со пари од Јавното претпријатие „Државни патишта“, кое пак своите приходи ги собира од наплата на патарини, регистрација на возила и акциза од гориво. „Македонија пат“ на секои три месеци добива по неколку милиони евра од „Државни патишта“, но коментира дека од таму не ги исполнуваат обврските до крај и дека поради тоа претпријатието не може да работи на стабилна основа.
„Македонија пат“ има 550 редовно вработени работници и околу 200 што се времено ангажирани, но ангажира и механизација од други приватни оператори. Министерството за транспорт вчера соопшти дека јавното претпријатие е на терен со целата работна сила и целокупната механизација и во континуитет врши расчистување на државните патишта
А.К.