Министерство за финансии: За новите автопати исплатени 4,1 милијарди денари во 2024
Објавено во: Економија 13 Јануари, 2025
Приходите и расходите во Буџетот за 2024 година се реализирани на ниво над 96 отсто, а буџетскиот дефицит е понизок од планираното за 2,5 милијарди денари и е на ниво од 4,4 проценти од БДП, објави Министерствотоза финансии како рекапитулар за минатата година. Според МФ, за минатата година буџетскиот дефицит инаку бил проектиран да изнесува 4,9 отсто.
Кај данокот на личен доход има остварување од 101 отсто, данокот на додадена вредност 103,8 отсто, кај данокот на добивка има оставрување од 95,6 проценти и увозните давачки се со остварување од 95,3 проценти.
„Приходите од даноци во 2024 година се остварени во износ од 177,9 милијарди денари и се за 12,8% повисоки споредено со минатата година. Придонесите за социјално осигурување се остварени во износ од 105,7 милијарди денари и истите се за 14,1% повисоки од остварените во 2023 година“, соопшти министерството.
Капиталните расходи во 2024 се реализирани во износ од 28,7 милијарди денари или само 76,8 проценти од планираното. Министерството за финансии додава дека за новите автопатски делници што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ се издвоени 4,1 милијарди денари во 2024, односно околу 67 милиони евра.
„За реализација на проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д беа реализирани 4,1 милијарда денари, односно буџетот за 2024 година наменет за тој проект во целост беше остварен“, велат од министерството.
Расходите за тендери се реализирани во износ од 22,9 милијарди денари (околу 375 милиони евра) или 88 отсто од планираното. Трансферите кон општините преку блок дотации и дотации по основ на ДДВ се реализирани во износ од 30,9 милијарди денари и се повисоки за околу 3,4 милијарди денари во однос на претходната година, земјоделските субвенции се реализирани во износ од 9,2 милијарди денари и се во целост исплатени.