Добивај вести на Viber
Лидерите на Украина, Грузија и Молдавија потпишаа денеска спогодби за слободна трговија со Европската унија, и покрај тоа што официјална Москва се спротивставува на овој потег.
Трите земји ова го оценуваат како историски чин кој ќе ги доближи до Европската унија и европскиот пазар.
„Имаше многу обиди за ова да се спречи, а Украина ја плати најголемата цена. Очекувам ЕУ да го заштити украинскиот суверенитет и територијален интегритет, но и да ни отвори перспектива кон полноправно члленство, доколку ги исполниме критериумите. Декларација со која ќе се потврдат перспективите да станеме шленка на Унијата вас не би ве чинела ништо, а нам би ни значела многу“, изјави украинскиот претседател Петро Порошенко, за кого ова е најважен ден во украинската историја од прогласувањето на независност.
Со него за перспективите за членство во ЕУ се согласуваат и Грузија и Молдавија.
За претставниците на Европската унија, договорите ќе им овозможат на трите земји да воспостават слободен пазар и стабилна демократија.
„Ова не се обични спогодби, туку нови алки во нашите односи. Нашата цел е целосна интеграција на овие земји во заедничкиот европски пазар. Луѓе умираа во Киев за подобри односи со ЕУ. Тие жртви не смеат да се заборават. Но, спогодбите не се насочени против Русија и покрај заканите на Москва дека ќе воведе економска блокада за земјите што ќе ги потпишат. Подготвени сме да разговараме со руските партнери за да ги отстраниме сите недоразбирања“, изјави претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј.
Официјална Москва веднаш реагираше на овој чин.
„Последиците од потпишувањето од страна на Украина и Молдавија секако дека ќе бидат сериозни“, нагласи рускиот заменик министер за надворешни работи Григориј Карасин, иако признава дека „потпишувањето на таков сериозен документ, секако, е суверено право на секоја држава“.