18 Декември, 2025
0.0479

Интервју со Умејр Мухамеди носител на листа за град Скопје од Независни заедно

Умејр Мухамеди: Политичкиот картел 35 години го уништува Скопје, време е независните да го пензионираат

Објавено во: Македонија 01 Октомври, 2025 09:42

Добивај вести на Viber

Скопјани еднаш веќе се „изгореа“ со градоначалничка која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ чиј Совет во градот потоа не и даде поддршка, а таа вината ја префрла на сите други освен на себе. И додека владејачката партија се обидува да се „испере“ од Арсовска, на овие избори се појавија и други кандидати, особено од независните листи кои придонесуваат за ако ништо друго подобра дебата. 

Меѓу нив е и Умејр Мухамеди, кој е носител на листата за советници на „Независни заедно“, додека во првите години од мандатот на Данела Арсовска и беше советник на градоначалничката, одлука за која вели дека потоа се повлекол и научил вредна лекција.

Во првите години од мандатот на Данела Арсовска актуелната градоначалничка на Скопје бевте нејзин советник, но потоа таа соработка прекина. На што се должеше ова разидување, каков политичар е Арсовска, зошто се случи блокадата во Советот на град Скопје и како дојде до ова целосно нефункционирање на главниот град?

Мухамеди: Би сакал да го почнам своето излагање со фактот дека не се срамам со тоа што ја поддржав Данела Арсовска. Поддржав реторика која беше надежна, идеи кои беа атрактивни и лице кое сметав дека е способно да биде вистински добра градоначалничка. Бев прелажан, исто како и граѓаните кои и го дадоа гласот на Арсовска и на ВМРО ДПМНЕ. Лично започнав многу ентузијастично, иницирав повеќе работи и го координирав инспекцискиот надзор на дивите депонии кои резултираше со рекордни резултати, но крилата набргу ми беа скратени. Не сум психолог за да донесам конечен суд околу моменталната ситуација, но учев доволно математика за да можам да претпоставам дека „шизмата“ со ДПМНЕ беше од лукративни причини. Се повлеков и се надевам дека научив вредна лекција.

Искуството со Арсовска ја покажа потребата од одговорност на институциите на локално ниво, кои практично четири години имаат гарантиран мандат. Кои решенија се неопходни за поголема контрола од страна на граѓаните во нивната општина и град?

Мухамеди: Иако Арсовска е најсвеж пример, сметам дека таа е само последен индикатор во низата на спектакуларни ветувања а катастрофални изданија на претставници на политичкиот картел ВМРО-СДСМ-ВЛЕН-ДУИ и нивните сателити. Сепак, не мислам дека постои проблем во контролата од страна на граѓаните, напротив, сметам дека таа теза е наметнат дефокус со цел да се избегне очигледниот заклучок, а тоа е дека 35-годишниот картел е исклучително штетен не само за Скопје, туку и за сите останати единици на локална самоуправа. Решението не е некаква „поголема контрола“ туку политичка пензија на оние што се „едни па исти“.

Како граѓански активист се приклучивте на листата на „Независни заедно поддржана од повеќе граѓански иницијативи, а која застана и зад професорот Горан Марковски деканот на Градежен факултет за градоначалник на Скопје. Кои се вашите главни заложби на овие избори?

Мухамеди: „Независни заедно“ е нов политички субјект кој несомнено има капацитет да започне вистинска промена најпрво во Град Скопје а потоа и на ниво на цела Република, а овие избори се само почеток. Горан Марковски и листата „Независни заедно“ се претставници на концепт кој нуди град фокусиран на луѓето кои живеат во него, идеја која оди над собирање смет и решавање на дивите депонии и план кој ќе почне да го решава урбанистичкиот хаос. Тоа е концепт на превземање одговорност наспроти вечната „ненадлежност“ и синхронизација на потребите на модерното граѓанство и животната средина. Фокусот на овие избори е претставување на политичка опција која ќе означува борба на современоста застапена од нас против затупавеноста претставена од политичкиот картел.

Едно се ветувањата и кампањите пред избори друго е спроведување на истите и реалната политичка волја. Што очекувате да се промени на овие избори со оглед на тоа што разговараме за навистина базични работи како редовно чистење на контејнерите и собирање смет, недостиг на автобуси за дневен превоз, урбан хаос и претворање на населбите во фавели и енормно загадување на животната средина?

Мухамеди: Разговараме за основни работи кои би требало да се сметаат за цивилизациски придобивки поради една и едноставна причина - политички картел со стаж од 35 години кој со својата упорност не убеди дека празнење на контејнери е ултимативно постигнување на една единица на локална самоуправа. Едноставно е. Дискурсот кој го креира политичкиот картел е на прениско културолошко ниво и се додека тој е позастапен од нас ќе зборуваме за диви депонии и неможноста за било каков напредок. Вистинска промена може да се очекува само доколку ние како нов политички чинител добиеме доволен број на гласови со кој би можеле да влијаеме, или на овие или на некои наредни избори.

Како се развива вашето политичко движење, претходно имаше идеи за регистрирање политичка партија, но сепак на крајот се кандидиравте на независните листи. Соработувате ли со останатите независни листи кои произлегоа од граѓанските иницијативи во Скопје, и останатите македонски градови и зошто не дојде до окрупнување на овие сили за локалните избори?

Мухамеди: Уште од почетокот на нашето заедничко делување како нов политички субјект се обидуваме да бидеме конструктивни и отворени за соработка со сите чинители кои не се дел од владеачкиот картел кој ја пустоши земјава 35 години. Во прв ред, се разбира, оваа отвореност и кооперативност се однесува на останатите независни листи и граѓански иницијативи од Скопје и Македонија. Сепак, иако повеќе фактори влијаеја на ваквиот исход, најголемата пречка за окрупнување беше времето. 

Што се однесува до регистрирањето на политичка партија, сметам дека официјализирањето на истата ќе се случи во многу блиска иднина, имајќи предвид дека тој процес е веќе при крај.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата

УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата

МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење

МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење

СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема

СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема

УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето

УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето

Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје

Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје

Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив

Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив

Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска

Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска

Игор Ивановски и Андреј Петров отвораат фронт за преземање на СДСМ?

Игор Ивановски и Андреј Петров отвораат фронт за преземање на СДСМ?

ВМРО-ДПМНЕ: Државниот ревизор потврди дека Груби прикрил 2 милиони евра од Лотарија

ВМРО-ДПМНЕ: Државниот ревизор потврди дека Груби прикрил 2 милиони евра од Лотарија