Добивај вести на Viber
Уште еден менаџер на концернот „Сименс“ заврши на суд поради мито, информира Дојче Веле. Откривањето на големиот скандал со мито во „Сименс“ беше пред 7 години, но последиците уште се тука.
Пред Покраинскиот суд во Минхен денеска почна процесот против Уриел Шареф, поранешен член во Централниот управен одбор на Сименс. Државното обвинителство го обвинува за „посебно тешка проневера и поттикнување на истата“.
Во 2003 година фирма во сопственост на „Сименс“ подмитувала аргентински владини претставници за да добие тендер во оваа земја. Притоа, се работело за изработка на лични документи со посебна заштита од фалсификување, нови документи за земја со повеќе од 40 милиони жители. За добивање на зделката, според обвинението, „Сименс“ платил околу 9,5 милиони американски долари поткуп.
Аргентинската „пасошка афера“ зафатила широки кругови. Во поткупените лица се вбројуваат и министри и државни секретари. Наводно, пари примил дури и тогашниот претседател на државата, Карлос Менем.