Условна казна и 300 евра глоба за кавадарчанец кој отрул куче
Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2023
Жител до Глишиќ доби условна затворска казна и глоба од 300 евра откако отрул куче пред семејна куќа и предизвикал општа опасност.
Предлогот на Основното јавно обвинителство Кавадарци против 32-годишникот е и за мачење животни.
Обвинетиот го признал делото, а претходно не бил осудуван.
„Обвинетиот, на 9 ноември, исекол неколку парчиња салама, ги напрскал со токсичен препарат наменет за прскање и заштита на винова лоза, ги ставил во ќеси како мамец и ги оставил пред незаградениот двор на семејна куќа. Иако бил свесен дека во куќата живеат четири семејства и постојано има голема фреквенција на луѓе, како и дека поради таквото негово дејствие може да настапи штетна последица, тој сепак лекомислено сметал дека штетната последица може да ја спречи или дека таа нема да настапи, па на тој начин предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето. Мамците со отров ги развлекло и ги јадело куче без сопственик, кое се отруло и починало“, опишува ОЈО Кавадарци.