ПРЕДЛОЖЕНИ СЕ ДЕСЕТИНА МЕРКИ ЗА СТРУМИЦА: Два дена воздухот е екстремно загаден
Објавено во: Македонија 02 Јануари, 2025
Надлежните преземаат мерки поради екстремно високото загадување на воздухот во Струмица.
Загадувањето на воздухот во Струмица последните двата дена е повисоко од дозволеното за повеќе од 150 милиграми на квадратен метар. Ова го соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање кое се повикува на податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.
Министерството предложи и мерки кои треба да се преземат во Струмица:
- Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола
- Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
- Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци
- Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
- Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
- Забрана на горење на отворено
- Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар
- Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот
- Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Делови од Скопје попладнево се многу високо загадени. Високо е загаден воздухот во Куманово, Тетово, Кичево, Битола.