03 Јули, 2024
0.0256

Усвоен Годишниот извештај за 2014 година на НБРМ

Објавено во: Економија 30 Април, 2015

Добивај вести на Viber

На денешната седница, Советот на НБРМ го усвои Годишниот извештај за 2014 година.

Во услови на посткризно заздравување на светската економија, монетарната политика, како и во претходните години, се водеше во согласност со остварувањето на основната цел, одржување на ценовната стабилност, која се спроведува преку стабилниот курс на денарот во однос на еврото.

Во текот на 2014 година инфлацијата бележеше тренд на забавување и во просек се сведе на -0,3% годишно, поради намалувањето на цените на горивата и храната. Истовремено, базичната инфлација, којашто ги исклучува енергијата и храната, во просек изнесуваше 0,5%. Во текот на 2014 година девизниот пазар беше во рамнотежа, при релативно мал износ на интервенции на нето-основа. Нивото на девизните резерви и показателите за нивната адекватност во текот годината се одржуваа на солидно ниво, а основната каматна стапка остана непроменета.

Наспроти кревкото закрепнување на странската ефективна побарувачка, во 2014 година македонската економија оствари солидно забрзување на реалниот раст на БДП од 3,8%. Растот главно беше поттикнат од домашни двигатели, пред сè од инвестициите и од извозот, при што во рамки на инвестициите се истакнуваат јавните инвестиции, особено тие во инфраструктурата, како и странските директни инвестиции. Новите компании со странски капитал во технолошко-индустриските развојни зони доведоа до надминување на очекувањата во однос на зголемениот извоз и на намалениот трговски дефицит. Во 2014 година, значајни за одбележување беа и натамошниот постепен пад на стапката на невработеност, како и растот на продуктивноста на трудот.

Во 2014 година, со цел зајакнување на ефектите од примената на монетарниот инструментариум и натамошно пренасочување на вишокот ликвидност кај банкарскиот сектор заради поддршка на економијата беа направени промени кај дел од монетарните инструменти. Беше продолжена важноста на мерката за намалување на обврската за задолжителна резерва за износот на новоодобрените кредити на извозниот и енергетскиот сектор со цел натамошна поддршка на кредитниот раст.

На денешната седница Советот на Народната банка го донесе и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2014 година. Севкупната стабилност на македонскиот банкарски систем зајакна и во 2014 година, во услови на речиси двоцифрен годишен раст на кредитите на нефинансиските лица. Засилената кредитна активност беше особено евидентна во сегментот на корпоративните клиенти, каде што годишниот кредитен раст од 8,6% е повисок за 50% во споредба со растот забележан во 2013 година. Кредитниот раст за домаќинствата забрзува веќе две последователни години. Депозитите на нефинансиските лица забележаа двоцифрена стапка на раст од 10,7%. Денаризацијата на билансите на банките продолжи и беше посилно изразена на страната на пасивата.

Во 2014 продолжи растот на нето каматната маргина, главно поради поизразеното опаѓање на пасивните, во споредба со активните каматни стапки. Намалувањето на оперативните трошоци на банките упатува на поголема трошочна ефикасност. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити достигна 11,3%. Ликвидносната позиција на банките е еден од основните столбови на севкупната стабилност на банкарскиот систем, додека солвентната позиција и двојно повисоката стапка на адекватност на капиталот во споредба со пропишаниот минимум се во темелот на отпорноста на банкарскиот систем во Република Македонија.

Главниот предизвик за банките во наредниот период се однесува на одржувањето оптимална кредитна поддршка за нефинансискиот сектор и  истовремено намалување на оштетувањата на кредитниот канал, што би имало повратни ефекти врз профитабилноста, капиталната стабилност и ликвидноста на банките.

На денешната седница беше донесена и нова Одлука за кредитот во крајна инстанца. Соодветно на искуствата на централните банки од евро-зоната, во новата одлука, покрај постојните можности за одобрување кредит во крајна инстанца на банките со залог на должнички хартии од вредност, девизи и побарувања на банките од Народната банка, се воведува можноста за одобрување на овој кредит и со залог на побарувањата на банките од клиенти. Се предвидува овој модалитет на кредитот во крајна инстанца да се активира доколку банката не располага со должнички хартии од вредност и девизи. Во Одлуката се прецизираат и видовите побарувања, кои се прифатливи за Народната банка, како обезбедување за кредитот во крајна инстанца.

Советот на Народната банка на Република Македонија, постапувајќи по Информацијата за идејното решение на новите книжни пари од 200 и 2000 денари која беше прифатена на седницата од 14 ноември 2014 година, на денешната седница донесе Одлука за издавање и основни белези на книжните пари во апоен од 200 и 2000 денари. Со донесувањето на оваа одлука, продолжуваат активностите неопходни за печатењето и пуштањето во оптек на новите банкноти.

На денешната седница беа усвоени и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за условите и начинот на работа на штедилниците, како и Одлуката за сигурност на информацискиот систем на штедилница. Двете одлуки се во насока на зајакнување на стандардите за работењето на штедилниците.

Советот ја усвои и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар, заради усогласување со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.

 Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

Можеби ќе ве интересира

СРПСКИ МЕДИУМ ПОСЕТИ МАРКЕТ ВО СКОПЈЕ: Вакви цени во Белград се незамисливи

СРПСКИ МЕДИУМ ПОСЕТИ МАРКЕТ ВО СКОПЈЕ: Вакви цени во Белград се незамисливи

ТОП 10 НАЈПЛАТЕНИ ИЗВРШНИ ДИРЕКТОРИ ВО АМЕРИКА: Тој е прв на листата и заработува 510 пати повеќе од вработените

ТОП 10 НАЈПЛАТЕНИ ИЗВРШНИ ДИРЕКТОРИ ВО АМЕРИКА: Тој е прв на листата и заработува 510 пати повеќе од вработените

Кои се господари на октаните во Македонија? Нивните приходи се поголеми од 2 милијарди евра!!!

Кои се господари на октаните во Македонија? Нивните приходи се поголеми од 2 милијарди евра!!!

Средба Божиновска – Лорковски: Зајакнување на секторот енергетика во Македонија

Средба Божиновска – Лорковски: Зајакнување на секторот енергетика во Македонија

„Ќе биде најлошото во историјата“: ја предвиде светската криза во 2008 година, сега најавува нова

„Ќе биде најлошото во историјата“: ја предвиде светската криза во 2008 година, сега најавува нова

Бислимовски: Повеќе од половина струја домаќинствата ја трошат додека е евтината тарифа

Бислимовски: Повеќе од половина струја домаќинствата ја трошат додека е евтината тарифа

ЕВН Хоме постави Македонец за директор и тоа „отпишаниот“ Митровски

ЕВН Хоме постави Македонец за директор и тоа „отпишаниот“ Митровски

НИКАКО ДА ЗАКРЕПНАТ ОД КОРОНАТА, ДОБРО Е ШТО УШТЕ ИМА „АЗНО“ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА ЗАГУБИТЕ - еве што одлучи некогаш познатата скопска хотелиерска компанија

НИКАКО ДА ЗАКРЕПНАТ ОД КОРОНАТА, ДОБРО Е ШТО УШТЕ ИМА „АЗНО“ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА ЗАГУБИТЕ - еве што одлучи некогаш познатата скопска хотелиерска компанија

Димитриеска Кочоска: Оделе во Брисел по 30 души, сега ќе одат по двајца

Димитриеска Кочоска: Оделе во Брисел по 30 души, сега ќе одат по двајца