ВАЖЕН ИМПУЛС ЗА ЕКОНОМИЈАТА: Koлку пари испраќаат иселениците и луѓето кои се на привремена работа во странство?
Објавено во: Економија 04 Јануари, 2024
За македонската економија се многу важни паричните средства кои ги испраќаат иселениците и луѓето кои се на привремена работа во странство. Тие придонесуваат за поголема економска активност и поголема лична потрошувачка.
Многу македонски граѓани се иселени во Австралија, но имаме и голем број гастарбајтери во Германија, Швајцарија, Италија, Малта, Хрватска и други земји. Од Народна банка велат дека приватните девизни дознаки историски претставуваат значен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит, а со тоа се значајна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот. Тие низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2022 изнесуваат околу 14 отсто од БДП.
„Секако, дознаките се значајна компонента и на расположливиот доход на населението кај нас, а со тоа и на приватната потрошувачка. Kај приватните дознаки е присутен постојан тренд на раст, кој во просек за 2021-2022 година изнесува околу 35 отсто на годишна основа, со што во текот на изминатата година дознаките достигнаа близу две милијарди евра (или околу 15 отсто од БДП). Поволните трендови продолжија и во 2023 година, иако растот е со поумерена динамика имајќи ја предвид високата споредбена основа од претходната година. Имено, согласно последните објавени податоци за билансот на плаќања, нето приливите од приватни дознаки во периодот јануари-септември 2023 година изнесуваат 1.557 милиони евра и се повисоки за околу 6,5 отсто во однос на истиот период од претходната година. Податоците од платниот биланс за последниот квартал сè уште не се достапни, но согласно расположливите индикативни податоци за оваа компонента, коишто се следат преку нето-откупот од менувачкото работење, растот кај овие приливи продолжува, со слична динамика. Народната банка не објавува статистички податоци за земјата на потекло на приватните дознаки“, додаваат од Народна банка.
Во овој период од годината, поради празниците, многу иселеници се враќаат во родните места. Таа раздвиженост се чувствува на терен.
„Кога ќе дојдат печалбарите, веднаш се чувствуваат промени, поинаку се дише. Трошат пари. Ако инвестираат во куќи, градат, купуваат железо, ако прават свадба, трошат по бутици и ресторани. Тоа е многу добро за нас“, вели Насер Хавзија од Здружението кулинарија ХоРеКа.
За Нова година и Божиќ, но и преку лето додека траат одмирите, истото се случува на истокот и западот од државата.
„Тие пари многу ни значат. Младите се иселени во Америка, Германија, Швајцарија, Италија. И куќите кои тука се градат се од парите заработени во странство“, рече Наташа Тачева, жителка на Делчево.
Се согласуваат дека без приливите од странство, животот во земјава би бил далеку потежок. И многу земји од регионот ја делат истата судбина. И кај нив се слеваат парите од иселениците и ја помагаат економијата.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/roman-
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.