ВЕЉАНОСКИ СТАВИ ПОТПИС: Македонија оди на избори на 11 Декември
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2016
И официјално спикерот Трајко Вељаноски ги распиша изборите.
Македонија ќе гласа за нова Влада на 11 декември.
„Дозволете да Ве известам дека во согласност со уставните и законските одредби, како претседател на Собранието на Република Македонија го потпишав решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември оваа година. Со овој чин, а во согласност со правилата на претставничката демократија, мандатот повторно му го враќаме назад на народот кој, впрочем е единствениот, врховен и најлегитимен авторитет да суди, да оценува и да одлучува која политичка опција треба да ја добие честа, но и обврската да ја води нашата држава“, рече денеска Трајко Вељаноски.
Вељаноски очекува дека претстојните активности на партиите ќе поминат во една зрела, достоинствена и одмерена атмосфера чиј врв ќе бидат изборите на 11 декември кога ќе треба во еден празничен изборен дух да бидат избрани народните преставници кои ќе го сочинуваат следниот, деветти состав на македонскиот законодавен дом.
Претседателот на Собранието упати благодарност на сите колеги пратеници, на новинарите, до Службата на Собранието, како и до сите домашни и меѓународни пријатели за соработката и за квалитетот на односите што ги градевме изминатиот период.