Владата ќе се рекламира само на фејсбук, нема кампањи во медиумите

Објавено во: Македонија 29 Јуни, 2019
Останува одлуката Владата да не се рекламира и да не финансира кампањи во домашните медиуми со што ќе се одбегне какво било влијание, но во иднина Владата планира да се рекламира на фејсбук и на другите социјални медиуми. Од владиниот тим за односи со јавност велат дека годишно за оваа намена ќе се потрошат многу помалку пари отколку владиното трошење на реклами во медиумите за време на претходната власт.
Се тврди дека сумата ќе е симболична, но не се соопштуваат детали. Владата вчера го објави документот „Комуникациска стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 - 2020 година“ (www.vlada.mk/komunikaciska-strategija), кој ги дефинира стандардите за отворена комуникација меѓу Владата и јавноста.
„Стратегијата обезбедува нова комуникациска култура за критичка и слободна јавна дискусија во иницирањето, креирањето и спроведувањето на амбициозната програма за политички и демократски реформи и за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот. Со овој документ дефинирани се правци за професионален развој на владините комуникатори, стандарди за кампањи од јавен интерес, а за првпат е усвоен и етички кодекс за владини комуникатори. Според овие стандарди, владините комуникации, и практично и официјално, се подредуваат според правилата на етичкото, одговорно и професионално комуницирање, велат од Владата.
Во документот Владата објавува 9 правила за однесување на владините службеници на социјалните мрежи, со кои им се препорачува да не објавуваат и споделуваат навредливи содржини, а за она што не се сигурни дали е соодветно за јавност да побараат совет од колега или од претпоставениот пред да го објават. Документот содржи кодекс за однесување на владините службеници со јавноста во кој се наведува дека објавувањето содржини во лично име може да се поврзе со позицијата и институцијата во којашто работи владиниот комуникатор, односно работната позиција како владин комуникатор и приватноста на личноста се тешко раздвојливи. „Содржините споделени преку социјалните медиуми имаат еднаква важност со содржините споделени преку кој било друг традиционален или електронски медиум. Оттука, на приватните канали на социјалните медиуми треба да избегнуваме: • Промовирање на партиско-политичка пристрасност; • Активности коишто предизвикуваат негативна репутација за институцијата во којашто работи владиниот комуникатор или за друга институција; • Недоречености и нејасни информации коишто оставаат простор за различни толкувања или изменет контекст; • Навреди, говор којшто поттикнува омраза и дискриминација или така може да биде протолкуван; • Објавување класифицирани информации или службени содржини коишто сѐ уште не се објавени во јавност; • Учество во незаконски активности или несоодветно однесување; • Кршење на условите коишто се однесуваат на работниот однос на владиниот комуникатор, на каков било начин. Објавувањето во текот на работното време е несоодветно. Владините комуникатори, како и сите други јавни службеници и претставници на институции, имаат јавно достапни работни позиции и работно време. Секое објавување на содржини на социјалните медиуми во текот на работното време може да биде третирано како избегнување на работните задачи и со тоа да се нанесе негативна репутација на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор”.
Во изработката на стратегијата учествувале и претседателот на Владата Зоран Заев, министрите и владините комуникатори.Стратегијата е направена во соработка со Владата на Обединетото Кралство, на УСАИД и на Институтот за комуникациски студии.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Затвореници копале тунел за бегство од Идризово, полицијата ги откри

Анастасовска: Јанкулоска уште еднаш покажува дека е поголем маж од нејзините бивши колеги и претпоставени

Артан Груби: Баскетот ми е од Перо Антиќ, голчето од ФФМ, а топката од Наумче

Изет Меџити: Не ми е јасно од каде наоѓа Груби пари за толку скапи пејачи

Диви наплаќачи на слободниот паркинг спроти Ист Гејт Мол

НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ: Викендов треба да ги поместите стрелките на часовникот

Управа за извршување на санкции: Пронајден е подземен недовршен тунел од околу 50-тина метри на потегот од објектите кои се рушат

Ковачевски: За мене етничка припадност не е професија
