Владата му доделува државна помош на ТЕ-ТО, фирма под истрага за перење пари
Објавено во: Економија 07 Ноември, 2019 07:11
Владата му доделува државна помош на Друштво за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО. Информацијата е усвоена на 160 седница на Владата која е одржана на 22 октомври, а детали за тоа дополнително не беа објавени. ТЕ-ТО е впрочем гасната централа за чие работење и активности се води истрага во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција откако во јуни годинава Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави за сомнеж за лажен стечај, злупотреба на службена положба и овластување, но и перење пари во Македонија од трансакции за кои во Русија се водат истраги за криминал. Сомнежите се дека станува збор за испрани над седум милијарди денари или над 100 милиони евра.
Од Владата и покрај нашето инсистирање, од вчера до денеска, до објавување на текстот не соопштија по кој основ му доделуваат државна помош на ТЕ-ТО и за колку пари станува збор. Не објаснија ниту како може да се додели државна помош на друштво за кое се води истрага и дали компанијата ги исполнува сите услови за доделувањето на помошта. Се поставува прашањето дали Владата ги има сите информации за друштвото и како му ја доделила помошта. Одговор не добивме ниту од ТЕ-ТО и покрај тоа што се обративме и таму.
ТЕ-ТО инаку моментно е најголем должник во државата кон Управата за јавни приходи, а како што пишувавме, од оваа институција како даночна тајна ги третираат начините за тоа како се обидуваат да ги наплатат парите од даночниот долг. Фирмата на државата и должи 998 милиони денари или над 16 милиони евра данок на добивка. Долгот е наталожен и тоа по овој основ и покрај тоа што фирмата беше во стечај. Во планот за реорганизација компанија всушност направи отпис на побарувања кои потоа беа прокнижени како добивка.
Токму за стечајот цела година реагира скопска Топлификација која е акционер во ТЕ-ТО и на која од стечајот според Финсиската полиција и е нанесена штета од 720 милиони денари.
„Со инкриминирани поведенија, пријавените овозможиле ТЕ-ТО да се стекне со противправна имотна корист преку стечај и неможност да ги плати обврските по правосилна судска пресуда со што и нанеле штета на акционер доверител Топлификација АД од 721.683.587 денари. Заради постоење на основи за сомнение злупотреба на службена положба и лажен стечај, а поради постоење на финансиски транскациии кон ТЕ-ТО во износ 7 милијарди 264 милиони 250 илјади денари кои потекнуваат од кривични равни настани за кои се водат истраги од Руска федерација, а се вложени во изградба на производствен процес за производство на електрична енергија, постои основно сомнение за сторено кривично дело перење пари, изјавија од Управата за финансиска полиција во јуни.
Инаку Владата им доделува финансиска помош на домашни и странски компании, но за тоа има и услови кои треба да се исполнат. Покрај склучениот договор, компаниите треба да достават уште неколку документи, како што се годишна сметка и финансиски извештај за претходната година и консолидирана годишна сметка и консолидиран финансиски извештај за претходната година, доколку деловниот субјект составува и објавува ваков вид на извештаи, потврда од Централен регистар на Република Македонија дека над деловниот субјект не е отворена стечајна постапка, не постара од 60 дена.
Дали ТЕ-ТО ги исполнил сите овие услови одговор треба да дадат од Владата. Во меѓувреме се чека обвинението од Обвинителството. Оттаму за Фактор пред три дена изјавија дека по пат на меѓународна правна помош надлежниот обвинител обезбедил и дополнителни информации, кои сега се анализираат.
А.Т.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
Два дена работа, два одмор и плата од 900 евра - сепак Босанец не може да најде работници
Зголемен е бројот на германски туристи во Македонија, Србите сега се на трето место
Истражување на Центарот за граѓански комуникации: Многу македонски јавни претпријатија работат со загуба
Европа има сериозен проблем, ова ќе ја поткопа економијата на долг рок
ВО РЕГИОНОТ: Се плашат дека на старост ќе бидат сиромашни и вложуваат во недвижности
Николски: Поврзување на Коридорот 10 со Коридорот Струма во Бугарија и уште 14 големи проекти во Струмица
(ВИДЕО) Се пробиваат тунелите од трасата за железничката пруга кон Бугарија
ДЕЛНИЦАТА БУКОЈАЧАНИ - КИЧЕВО ЈА ЗГОЛЕМИ ВРЕДНОСТА НА НОВИТЕ ГРАДБИ: повторно расте интересот за градење




