Владата одлучи да даде под концесија 32 ловишта со цел да се заживее ловниот туризам во Македонија
Објавено во: Економија 06 Август, 2013 22:02
Со цел да се развие ловниот туризам, Владата одлучи да даде под концесија 32 од вкупно 256 ловишта колку што ги има во земјата. Идните концесионерите, паралелно со стопанисувањето со ловиштата ќе треба да изградат сместувачки и угостителски капацитети и да се обидат да привлечат поголем број туристи, информира денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
- Се работи за концесии на по едно ловиште во Велес и Тетово, по две ловишта во Прилеп, Македонски Брод и Берово, по три ловишта во Свети Николе и Радовиш, осум ловишта во Битола и 10 во Штип, рече портпаролот истакнувајќи дека согласно законите, целокупната постапка за доделувањето концесии треба да заврши во период не подолг од 150 дена.
Ѓорѓиев истакна дека во текот на август ќе биде изготвена и одобрена тендерската документација за секое ловиште, по што кон крајот на овој месец или почетокот на септември ќе следува објавување јавен повик за доделување концесија на дивечот во овие ловишта.
- Од моментот на објавување, јавниот повик би траел 30 дена и на него би можело да конкурира секое правно лице кое во својата дејност ја има вклучено и дејноста ловство. По завршувањето на јавниот повик, што би се случило кон крајот на септември или почетокот на октомври, ќе следува јавно наддавање за секое ловиште и тоа по пат на електронска аукција, информира владиниот портпарол.
Почетната цена за наддавање за секое ловиште, како што појасни, ќе биде утврдена во тендерската документација, а во зависност од спецификите на ловиштето, неговата површина, постоечки содржини и останати карактеристики веројатно би варирала од 1 до 3 милиони денари.
- По јавното наддавање, оној понудувач кој понудил највисока цена ќе се стекне со право за потпишување договор за концесија со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и тоа во период од 60 дена од моментот кога победил на електронската аукција, рече Ѓорѓиев.
За да го потпише договорот со Министерството, појасни дека најповолниот понудувач во тој период од 60 дена ќе треба да достави докази за материјално-технички можности, во смисла на опис на опрема која ја поседува, број на теренски возила, оружје, простории кои ги поседува, број на лица кои планира да ги вработи и визија за развој на ловиштето содржана во развојна програма.
- Во моментот на достава на овие докази и по нивното усвојување од Министерството ќе биде потпишан договорот помеѓу двете договорни страни со што концесионерот ќе може да почне со стопанисување на ловиштето. Периодот на траење на концесијата е 10 години. Во време на концесионирањето Државниот инспекторат за шумарство и ловство ќе врши контрола на спроведувањето на планскиот документ за развој на ловиштето кое е предмет на концесионирање, рече портпаролот.
Ги повика заинтересираните субјекти да ја искористат оваа можност, бидејќи, како што додаде, таа има соодветна бизнис логика и нуди опции за остварување профит.
Во следниот период најави дека ќе финишираат постапките и за почеток на постапката за давање под концесија на преостанатите 20-ина ловишта во различни ловни региони во Република Македонија.
Можеби ќе ве интересира
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега
КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години
Кончар потпиша договор со позната американска компанија
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар
Најскапиот град во светот за излегување е во Азија
Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас




