ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата или смртта?
Објавено во: Македонија 13 Декември, 2016
Откако последните информации на ДИК покажаа дека партијата на Никола Груевски освоила два мандати повеќе од опозицијата на изборите, на улиците во главниот град и ширум земјава почна прославата на ВМРО-ДПМНЕ.
Со свирежи, музика, веење на знамиња набрзо плоштадот пред седиштето на „белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ се наполни со симатизери на Груевски.
Во една порака на Фејсбук на која наидовме пишуваше: „Злосторникот секогаш се враќа на местото на злосторството“, алудирајќи дека токму на овој крвав плоштад вечерта на 6 јуни 2011 на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ младиот Мартин Нешковски беше претепан до смрт.
Славењето и синоќа брзо ги надмина сите граници на вкусот, кичот, перверзијата и човечките норми на однесување.
Овој пат се отиде предалеку, а атмосферата се вжешти на социјалните мрежи по обраќањето на Влатко Ѓорче кој побара опозицијата да ги следи европските манири и да му ја честита победата на победникот.
Чашата се прелеа кога симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ од Битола и Прилеп на „европски“ начин решиле да ја прослават победата со надгробен крст на кој беше напишано името и презимето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Покрај годината на неговото раѓање, 1974, на крстот стоеше и тековната 2016 година, што треба да ја симболизира годината на неговата смрт.
Славење на победата со крст на противникот? Што славеа приврзаниците на Груевски? Смртта над животот?
Дел од јавноста остана вчудоневидена и згрозена од ваквиот чин.
Кој сее омраза меѓу народот?
За Груевски, опозицијата е таа што го дели народот, а таквиот дух беше воочилив и во обраќањето на Никола Груевски пред приврзаниците на партијата, кои синоќа ја славеа изборната победа пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа не беше само обична изборна победа над СДСМ, туку многу повеќе од тоа, по овие две и пол изминати години и се она што се случуваше“, рече партискиот лидер и најави реализација на планираните проекти, но и посветност во надминувањето на „омразата што опозицијата ја внела меѓу граѓаните“.
„Ќе бидеме фокусирани да се намали политичкиот јаз помеѓу граѓаните. Нашиот политички опонент СДСМ во желба да не победи, внесе многу гнев, многу омраза, многу голем јаз се создаде помеѓу македонскиот народ и граѓаните на Македонија, а понекогаш и меѓу различните етнички заедници. Тоа треба да престане. И јас лично, и новата влада, и ВМРО-ДПМНЕ, ќе работиме на намалување на тој јаз и заедно сите обединети ќе ја градиме Македонија како земја со поголеми работни места и држава која ќе се движи кон Европската унија“, порача Груевски.
Јавноста бара осуда за ваквите чинови
Набрзо се дозна дека „јунакињата“ на фотографијата е Ж.П. која работи како одделенски наставник во битолското село Логоварди!Осудувајќи ги овој нечовечки и чин кој се граничи со помрачување на умот, многумина упатија и апел до МВР – Сектор за внатрешни работи Битола, да го идентификува и вториот сторител од фотографијата и против авторите на оваа бизарна и, слободно ќе речаме, умоболна идеја да преземе соодветни мерки.
Овој случај е и сторено кривично дело „говор на омраза“, кое од 2014 година со воведувањето на новите законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.
Од сето тоа што го видовме синоќа, синоќешните настани воопшто не се доказ дека партијата на Никола Груевски ќе го смени кормилото на движење кое го применуваше досега.
Па кој би сакал да остане да живее во ваква држава, каде се дели народот и се сее омраза? Какви идеали може да следиме и да научиме од оние кои криеја убиства, а невини ставаа во затвор? На што и што ќе ги учиме идните генерации и каква држава ќе им оставиме?
Малкумина се оние кои се запрашале и останале приземјени во реалниот свет, но многумина се оние кои уште се удираат во гради а розевите очила не им се симнуваат од очи...што правиме ние, каков живот живееме, дали сме изроди?
И.С.