ВМРО-ДПМНЕ негира дека дале концесија за голем рудник на злато на Кожув
Објавено во: Македонија 18 Февруари, 2017 15:38
ВМРО-ДПМНЕ негира дека е издадена концесија за експлоатација на голем рудник со злато на Кожув, туку дека засега се водат само истражувања.

– Владата на Република Македонија нема издадено никаква концесија за експлоатација на Кожув. Не постои, ниту се планира рудник за злато на оваа локација. Единствено е издадена концесија за детални геолошки истражувања за алувијално површинско злато, која сама по себе не предвидува ни приближно ископи од ваков или сличен карактер, како што грубо се лаже во ова пропагандно видео во кое се употребени снимки од Бразил, Папуа Нова Гвинеја и Казакстан, истакна на денешната прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека геолошките испитувања за кои има дозвола концесионерот на Кожув се научен труд, се изведуваат површински, не предвидуваат никаква сеча на дрва или употреба на било какви хемиски методи, како и дека не се создава прашина, ниту пак има јаловина.
– Во ваквите површински истражувања не се употребува никаков експлозив, како што е претставено во овој видео клип кој што можете да го видите. На Кожув нема ниту едно исечено дрво. Граѓаните на Гевгелија треба да бидат спокојни и да не дозволуваат да бидат манипулирани со вакви лажни вести, какви што сме навикнати да гледаме од опозицијата и нивните медиумски експоненти, истакна Делев.
Овие манипулации и лаги, потенцира тој, ги шири интернет пропагандата на СДСМ и Сорос.
Сепак, праксата во Македонија вели дека компанијата која ќе добие концесија за истражување ако наиде на рудни богатства потоа може да побара и концесија за експлоатирање. Површинските ископувања за злато се едни од најштетните за животната средина во зависност од хемикалиите кои се користат за вадење на рудата.Се претпоставува дека во наоѓалиштето „Главен коп“ има околу 2 грама злато на тон руда, а дека има непрекинат површински коп од 19 метри. Мапираната област опфаќа 29, 97 квадратни километри, а концесијата за истражување на оваа област трае до 4-ти јули 2017-та година. Наоѓалиштето се наоѓа на планината Кожув, јужна Македонија, за кој е познато дека содржи руди на злато, талиум и антимон.
Наоѓалиштето на златна руда, арсен и антимон Коњско се наоѓа на 20 километри оддалеченост од рудникот Алшар и досега не било истражувано.
Истражувања ги води компанијата Резервоар Минералс која е дел од канадски рударски конзорциум. Македонија води поволна политика за странски компании кои експлоатираат руда со концесија која се движи до 2% од вредноста на ископаните богатства.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот




