ВМРО-НП предлага на избирачкото ливче да има можност: „Не гласам за никој“
Објавено во: Македонија 17 Октомври, 2016
„На гласачкото ливче покрај досега стандардно утврдените законски прописи за неговата форма и содржина, каде што стојат името и логото на политички партии и коалиции, задолжително да се додаде и можноста: „Не гласам за никој“, соопштија денеска од ВМРО-Народна партија. Тоа би придонело, како што велат тие, за допрецизирање на условите за одржување фер, демократски и кредибилни предвремени парламентарни избори во Македонија.
ВМРО-Народна партија смета дека со оваа можност реално ќе се види колкав е бројот на граѓани кои не веруваат во ниедна политичка опција, а притоа ќе се одбегне можноста да бидат обележани дека не гласале, а со тоа и да не бидат изложени на притисок од големите политички партии.
- Со ова големиот процент на неважечки ливчиња кој се движи помеѓу 3 – 4% од вкупниот број на излезени гласачи, значително ќе се намали, сметаат од партијата на Љубчо Георгиевски.
Исто така, велат од ВМРО-НП, целосно ќе се елиминира и можноста, членовите на гласачките одбори при броењето на гласови со едно пречкртување на важечкото гласачко ливче да го претворат во неважечко, со што се има директно влијание на крајниот резултат на гласањето.