Во Црна Гора ДДВ-то се зголеми од 17 на 19 проценти
Објавено во: Балкан 02 Јули, 2013
Во Црна Гора денска стапува на сила дополнетиот Закон за данок на додадена вредност, со којшто постоечката даночна стапка ќе биде зголемена од 17 на 19 проценти.
Протестите не влијаеа на одлуката, иако демонстрантите пред влезот на парламентот разлеаја црвена боја, која според нив ја симболизира „крвта на граѓаните“.
„Ние дојдовме на местото на криминалот, на местото каде пратениците гласаа за зголемувањрто на ДДВ“, изјави лидерот на активистите Вања Цаловиќ, пренесе „Прес 24“.
Растот на даночната стапка ќе предизвика и раст на цените, а од Владата тврдат дека тој ќе биде помал од 1процент и ќе биде привремен. Владата сака од покачувањето на ДДВ годинава да приходува околу 40 милиони евра, соопшти Бизнис плус.
Пониската стапка на ДДВ во износ од 7 отсто не е зголемена, а истата се однесува на основните прехранбени производи – лебот, брашното, млекото и млечните производи, храната за доенчиња, маста, маслото, месото и шеќерот, лековите и медицинските препарати, книгите, весниците и списанијата, учебниците и наставните помагала; услугите на сместување во хотелите, мотелите, пансионите, камповите и во вилите; водата од јавниот водовод; услугите на транспорт и јавна хигиена, погребните услуги; авторските права од областа на книжевноста, уметноста и науката.
Меѓутоа, можно е овие производи и услуги сепак да поскапат затоа што пради растот на ДДВ ќе поскапат струјата и горивата, енергенсите коишто се користат во производството и превозот.
Нема да се промени ни нулта даночната стапка којашто важи за лековите и медицинските препарати коишто се препишуваат и се издаваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, како и за горивото купено во пристаништата.