05 Декември, 2025
0.0328

Во сенката на големите лидери ќе се бираат идните градоначалници

Објавено во: Анализа 17 Октомври, 2025 10:27

Добивај вести на Viber

Крешендото на првата етапа од изборната кампања помина во знакот на „големите“ лидери, кои практично целосно го вшмукаа кислородот од просторијата за локалните проблеми и идеи како во наредните четири години ќе бидат управувани македонските општини. Во недостиг на креативна кампања, досадни и еднолични спотови, слогани за заборав, лидерите на големите партии ја претворија кампањата во пресметка на сентименти и бетонирана партиска определеност. Сосема се оправдуваат изреките дека во одредени општини, помоќната партија може и „магаре да кандидира“ и пак да победи. 

Бранко се јави, навистина се јави (Број веќе не ЗНАМ кој)

Феноменот „бранкојавление“ пред избори се поклопува со еден тренд во последните неколку циклуси, особено по ретуширањето на наследството на СДСМ како наследник на антифашистичката борба, откако Зоран Заев ги прогласи бугарските војници во 1941 година за „администратори, а не окупатори“. Како што своевремено „Папата“ кажа дека е „дел од партиската ДНК на СДСМ“, секоја генетска мутација презентирана во ликот на последователните лидери е непростлива аномалија, која нема долга политичка перспектива на Бихаќка.

Каменот околу вратот на Ковачевски го презеде и новиот партиски лидер Филипче, но реално без јасна стратегија како да се спротивстави на „оттуѓениот братучед“ Максим Димитриевски и ЗНАМ, партија која евидентно има пад на рејтингот како помал владин коалициски партнер, но и натаму е конкурентна за двата силни социјалдемократски бастиони – Центар и Куманово. 

Една кафанска фотографија е доволна за богата политичка имагинација. И тоа се замки во кои СДСМ лесно паѓа на последните изборни циклуси – од цврстото уверување дека Мицкоски ќе потклекне за Францускиот предлог, „УСБ-то на Груевски“, па се до сегашната ситуација со Данела Арсовска и „одметнатите лавчиња“. А, тоа е надеж дека некој од ВМРО-ДПМНЕ ќе и заврши работа на СДСМ. Таа лекција за рушење на монолитноста на Белата палата некои политички лидери ја учат, сепак на потешкиот начин. 

Едно е да си монолитен, а друго е да си направен од тефлон

На актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ засега главна закана му е сопствената политичка надмоќ, која може да води до преголема самоувереност, што носи инерција на владејачките кадри и основен минумум на функционирање, па се до слепи точки од можни изненадувања на овие избори, а каде истите ќе се случат најдобро ќе кажат самите гласачи во недела во тишината зад параванот. 

Вербалната пресметка со стариот политички лисец Али Ахмети повторно му дојде како порачана на Мицкоски. Тој може да се проектира во голем македонски лидер и патриот, јавниот фокус од вистиските, секојдневни и веќе депресивни проблеми, да се префрли на теми за национализам и „враќањето на гордоста“. 

Истовремено се засенува и прашањето за одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје и немањето политичка волја да се постигне компромис со „одметнатата“ градоначалничка, не за друго, колку за основно нормално функционирање на градот, од предвидлив јавен превоз, до редовно собирање на сметот од контејнерите. Но, таквите теми очигледно се банални за големите лидери, немаат тие време да размислуваат дали 57ца или 2ка навреме ќе тргне за работниците и учениците. 

Најдобриот дел од изборната кампања е што ќе заврши дене на полноќ, а изборниот молк е доволно долг за секој граѓанин, во рамките на неговата општина добро да размисли каква е политичката понуда, кој кандидат најдбро може да се грижи за локалните проблеми во рамките на неговите надлежности. А потоа на кафе, пиво или на социјалните мрежи да ги „разбистри“ овие високи политики и „виши“ политички математики. 

Х.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?

Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?