ВО ТИРАНА: Македонскиот јазик влегува во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици
Објавено во: Македонија 07 Ноември, 2024
Македонскиот јазик е понуден како избор во постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана.
Предметот македонски јазик влегува во редовната наставна програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана.
„Се работи за нова, современа, иновативна и интердисциплинарна насока на постдипломските студии „Интеркултурна тријазична комуникација во туризмот”. Во рамки на оваа насока, студентите избираат три од понудените јазици, кои се изучуваат паралелно со совладување на нивниот социо-културен контекст“, објави весникот „Илинден”.
Според објавата на факултетот, студиската програма за магистерски науки по „Меѓукултурен јазик и комуникација и тријазичен туризам“ (2 години, 120 кредити) доаѓа со иновација за академската 2024-2025 година.
Иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември минатата 2023 година, кога беше остварен работен состанок меѓу директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на Македонското друштво „Илинден“ во Тирана, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана, наведува весникот „Илинден”.