Во Турција протестите продолжуваат, уапсени 16 демонстранти
Објавено во: Балкан 26 Јуни, 2013
Во Анкара полицијата рано утрово употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите, при што уапсила 16 лица.
Демонстрантите во текот на ноќта се собрале во населбата Дикмен и почнале да поставуваат барикади, блокирајќи го сообраќајот на фреквентните улици.
Протестот е организиран поради одлуката на судот, до почетокот на судењето, да го пушти на слобода, полицаецот кој е осомничен дека убил 26-годишен демонстрант во текот на антивладините протести во Анкара.
Турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган, вината за нередите на протестите во таа земја ја префрли повторно на демонстрантите, но и на новинарката на британски „Би-Би-Си“, за која тврди дека е дел од меѓународен заговор чија цел е да и’ се нанесе штета на Турција.
Ердоган тврди дека странските сили, банкарите и медиумите се одговорни за протестите кои беа мирни, додека не беше пуштен на слобода осомничениот полицаец.
По „стоечките протести“ демонстрантите на плоштадот Таксим во Истанбул од синоќа започнаа нова форма на протести - „паднати луѓе.“ Симобилично, демонстрантите паднаа на плоштадот како сеќавање на загубените животи во досегашните протести.
Во антивладините протести, загинаа пет лица, од кои еден полицаец, а околу осум илјади беа повредени. Според процените на полицијата, во протестите во големите градови низ цела Турција учествувале 2,5 милиони луѓе.
Протестите во Турција започнаа на 31-ви мај во Истанбул поради плановите за преупредување на паркот Гези во центарот на градот, за потоа да прераснат во антивладини демонстрации ширум земјата.