ВО ВРАЊЕ ОДАТ НЕ САМО НА ШОПИНГ, ТУКУ И ЗА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ: Кумановци прават прегледи во овој српски град
Објавено во: Македонија 21 Октомври, 2024
Кумановци во Врање одат не само на шопинг и за прошетка, туку и за посета на лекар. Во групите на социјалните мрежи често се советуваат дека прегледи за магнетна резонанца можат да се направат во Врање во Србија. Според нивните кажувања, поради хаосот во нашето здравство, не им е проблем да одат во Врање и брзо да завршат работа.
Наместо да одат во Скопје, дел одбираат да одат и да направат преглед во Врање. Последниве две години има голем број кумановци кои биле во Врање поради здравствени услуги. Oние кои oделе во Врање велат дека иако тој спаѓа во помалите српски градови, сепак има избор на ординации каде можат да се направат потребните прегледи. Дополнително, објаснуваат дека цената за преглед приватно овде и во Србија ги чини скоро исто.
„Ќерка ми беше за снимање, а потоа и јас бев во Врање, и друга роднина водевме за преглед. Приватна ординација е, соработуваат со Ниш. Бев поради проблеми со кичмата. И за гастроскопии одат кај нив. Може и крв да се провери. Овде се чека термин. Нема термини, а мораш да се оперираш. Брзo закажуваат во Врање, дури и ти кажуваат кој ден и во колку часот ти одговара. Наутро се јавив, објаснив дека имам здравствени проблеми, и за утредента ми закажаа. И што е најбитно услужни се и детално објаснуваат. Еден час го чекаш резултатот, и плаќаш кога ќе биде готов резултатот. Платив 9.000 денари за преглед во Врање, ама кога е здравје во прашање, човекот мора да се снајде. Нивното здравство мислам дека е поефективно. Во Врање те третираат како пациент, и најголема госпоѓа и најниска класа, исто ги третираат. Јас многу луѓе препратив ако имаат проблеми да одат во Врање. Лично од моето пошироко семејство, четворица сме биле во Врање за прегледи, а кога одам по болниците кај нас, по папката се гледа кој носи резултати од Врање“, вели повозрасна кумановка.
Имало и такви кои за поспецифични очни прегледи се упатиле на очен лекар во Врање.
„Врање е релативно блиску на само 60 до 65 километри од Куманово и често го посетуваат Македонци од Куманово и Скопје. Најчесто доаѓаат за шетање, има убави ресторани и убава храна. Обично кога е споен викенд во Македонија, Врање е преплавено со Македонци, одат на шопинг во трговските центри. Има и приватни клиники каде може да се направи дијагностика на цело тело. Има две клиники, работат приватно. Јас бев за магнетна резонанца, закажуваат од денес за утре и ме чинеше 100 евра“, објаснува Катерина Н. од Куманово.
И друга наша соговорничка објаснува дека имала случно искуство.
„Двапати бев во Врање за магнетна резонанца“, рече Весна И. од Куманово.
Инаку, здравствениот туризам не е ништо ново во регионот. И во други земји, граѓаните поминуваат граница со цел да поправат заби или да обават некој друг преглед. Некогаш голема улога игра цената, а некогаш квалитетот. Грчки државјани поправаат заби во градовите од јужна Македонија, но и странци од побогатите европски земји преку летото поправаат заби додека се на одмор во Хрватска.
Сања Атанасовскаfoto Wikipedia/Wlodzimierz
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.