19 Декември, 2025
0.0487

ВОЛОНТЕРСТВО: Во Холандија стекнав животни вредности за кои во Македонија никој не ме научил

Објавено во: Македонија 08 Декември, 2016 09:02

Добивај вести на Viber

Светлана  Петковска од Битола, по професија дипломиран новинар како волонтер на Европскиот волонтерски сервис била во Холандија  и раскажува  дека  стекнала  животни вредности за кои во Македонија никој не ја научил. До местото каде била ангажирана патувала со велосипед, се прилагодила на средина со многу обврски, стекнала многу нови пријатели и се надградила. Она што таму го доживеала ќе го сумира во книга на која работи. Сепак, Петковска се надева дека ќе дојдат времиња кога во Македонија при вработување ќе се смета како предност волонтирањето во странство.

Фактор:  Каде престојуваше како  ЕВС волонтер и за колкав временски период?

Мојот проект беше во невладината организација „Olde Vechte Foudation“, организација која се занимава со организирање на обуки и младински размени за неформално образование од областа на личен развој, волонтерство, уметност, граѓански активизам и многу други области. Мојата организација испраќач, ИМКА Битола веќе имаше остварено одлична долгогодишна соработка со мојата домаќин организација. Престојував една година во мал град во Источна Холандија, наречено Оммен, со население од 16.000 жители. Веројатно да не дојдев тука како ЕВС волонтер никогаш не би дознала за постоењето на овој магичен и мал град. Но, локацијата каде што бев сместена заедно со моите 12 колеги беше во Бунгалов Парк, односно бевме сместени во бунгалови куќи, што се наоѓаше оддалечено 6 километри од градот.  Со моите колеги често се шегувавме дека живееме во Ресорт Калуна, а не во бунгалов парк. Секој работен ден од понеделник до петок возевме по 12 километри со велосипед од нашиот дом до нашето работно место. Велосипедот ни беше единственото превозно средство, па дури и кога врнеше дожд, а тоа се случуваше доста често во Холандија.

Фактор:  Кои беа твоите обврските таму како волонтер?

Она што беше интересно  е што ниту јас, ниту моите колеги од : Латвија, Романија, Чешка, Грција, Србија, Унгарија кога ќе ни беше поставено тоа прашање не можевме да го објасниме во една реченица. Кратко откако пристигнавме имавме интервју со директорот и секој поединечно беше прашан во која област сакаме да се вклучиме и во какви проекти. Но, секој од нас работеше сè и сешто. Од физичка работа како чистење на соби, готвење за голем број на луѓе, учесници и тренери на обуките, чистење и собирање на лисја, гранки од дрвја, косење на трева, шмирглање на дрвени површини (ова беше баш пред Нова Година, кога се реновираа просториите наменети за обука), па се до административна работа како регистрација на учесници, пишување на проекти, инфо-писма, е-маил комуникација со партнерите организации, избор на учесници за обуките, логистика и асистирање  на обуките.  Освен тоа јас како ЕВС волонтер имав прилика да учествувам на обуките за личен развој бесплатно, но другите учесници за тоа плаќаа одредена сума за партиципација, а со таа сума им беше покриено сместување и 3 оброци на ден.  Моето прво искуство како учесник на обуките за личен развој беше во Унгарија, еден месец откако пристигнав во Холандија. Сите обуки се одвиваа на англиски јазик, а на нив учествуваа луѓе од цела Европа. Обуките за личен развој на некој начин се како психотерапија, преку активностите се осознаваш себеси, твоите силни и слаби страни, како комуницираш сам со себе, а како со другите луѓе, ги откриваш твоите ограничувања и начинот на кој размислуваш, ги идентификуваш твоите чувства и реакции и причините за тие чувства и реакции. Ова за никого не е лесен процес. Особено не за нас Македонците, кои ни од родителите, ни од образовниот систем не добиваме вакви насоки да работиме на нашиот личен развој, а тоа е многу важно за да станеме здрави и емоционални интелигентни поединци. И не станува збор само за теоретско учење во обуките за личен развој, туку и за практично спроведување на знаењето.  Во рамките на една обука како тим од 4 луѓе моравме во пракса да го спроведеме ова што го научивме за нашите ограничувања и што би правеле кога ќе се соочиме со некоја непредвидлива ситуација. Бевме испратени надвор од организацијата 2 дена, а во тие два дена ние моравме да се снајдеме каде ќе ја поминеме ноќта. Би ми било потребно многу за да раскажувам за секој детаљ од оваа авантура. Но, накратко само ќе кажам дека успеавме двете ноќи да спиеме во кревет. Кога се вративме назад во организацијата бевме дочекани како победници од нашите тренери и тимовите кои стигнаа пред нас, со песната „We are the champions“ од Queen.  Тоа чувство не може да се опише со зборови. Назад во просторијата секој доби шанса да сподели како го доживеа ова искуство, што научи за себе, а верувајте ми секоја приказна и сведоштво беше инспиративно и трогателно.  Подоцна секој од моите колеги освен како учесник доби шанса да се вклучи во организирањето на обуките. Јас имав можност да бидам во улога на логистички супервизор и ко-тренер.

Фактор: Која е придобивката за еден млад човек да замине да волонтира надвор од Македонија?

Придобивката да се биде ЕВС волонтер е огромна, барем за мене тоа можам да го потврдам. Се учиш како да живееш и работиш во интернационална средина со луѓе кои потекнуваат од сосема различни култури, учиш од културата во која се наоѓаш. Пред тебе се отвора сосема нов свет на можности, учење и размена на искуства. Јас не сум истата Светлана која замина во Холандија, во мене се скршија многу ограничувања и лажни верувања, станав личност со поголема самодоверба. Научив дека е важно да го осознам секое мое чувство, да го идентификувам, дека е во ред некогаш да бидам ранлива и да побарам помош.  Можеби имав среќа да бидам дел од тим на соработници кои за мене не беа само соработници, туку ми беа мое семејство, бев во средина каде давањето поддршка и охрабрувањето дека можеш да направиш сè што ќе посакаш беа составен дел од секојдневието. Во организацијата, но и насекаде во цела Холандија се дава голема важност на методот Learning By Doing. Тоа е одлична техника за учење. Многу пати бев во ситуација да треба да извршам задача за која претходно немав никакво искуство и знаење и често пати се сомневав во себе дали можам тоа да го направам. Добивав безрезервна поддршка од моите колеги и директорот, кои ми даваа простор да експериментирам за можностите кои ги имам пред себе и да откријам кој метод најдобро ќе ми помогне продуктивно да си ја завршам задачата, правејќи го тоа на мој начин. Секако кога имав прашања секогаш беа тука да ми помогнат.  Исто така поднесувањето на иницијативи е важен дел од холандската култура и општество. Научив да бидам личност која прашува, која поднесува иницијативи, дава предлози и идеи и сама превзема одговорност за своите постапки и резултати, вредности за кои никој во Македонија не ме научи.  Доколку не ја прифатив оваа можност да заминам како ЕВС волонтер веројатно никогаш немаше да дознам што значи личен развој, кои се техниките, што работи еден тренер на обуките за личен развој, како се организира младинска размена и обуки, што значи да си младински работник и што значи да работиш со млади луѓе и како да го поттикнуваш нивниот потенцијал и најважно од се да сфатам дека оваа област многу ме привлекува. Затоа на сите млади луѓе во Македонија им порачувам да се запознаат со оваа програма и да најдат организација и проект. Областите за проектите се неограничени: спорт, култура, медиуми, младинска работа, социјална грижа, уметност, животна средина, локален развој итн. Верувајте ми после ова искуство никогаш повеќе нема да бидете истата личност. Ќе бидете личност која ќе гледа пред себе многу можности, избори и личност која ќе работи на остварување на своите соништа.

Фактор: Колку волонтирањето ќе ти помогне во иднина за да го надополниш своето ЦВ и да се вработиш?

За жал кај нас компаниите немаат големо познавање за оваа програма и не се придава голема важност на тоа да ангажираат и вработат лица кои волонтирале во странски земји. Во Холандија се посветува многу внимание на неформалното образование, волонтерството и надоградувањето со ново знаење. Ако еднo лице е невработено, тие бараат начини да се вратат на пазарот на трудот со завршување на обуки, практиканство, завршување на студии и курсеви. Би сакала тоа да биде така и во Македонија. Во моментот работам како хонорарен новинар на веб страната Факултети.мк, а еден од основачите, кој ме интервјуираше за работа, сподели со мене дека во одлуката да ме избере мене освен моето работно искуство како новинар и мојата универзитетска диплома како дипломиран новинар влијаело и моето волонтерско искуство во Холандија.  Па не знам можеби сепак има надеж и компаниите полека ќе стануваат свесни дека едно лице кое вложува во себе и се надоградува во областа на неформално образование има првенство дури и пред оние кои се одлични студенти, но за жал немаат практично искуство.  Секако тоа што бев ЕВС волонтер ми помогна да бидам избрана од американските волонтери од  Мировниот Корпус во Македонија како фасцилитатор за личен развој на ИМЛП кампот, на која учесници беа момчиња средношколци од цела Македонија. Организатори на овој камп се Мировен Копрус и ИМКА Битола, а како локација беше избрано Крушево. Ова искуство ми помогна да сфатам дека сакам да се насочам да работам со млади луѓе во областа на личниот развој. Следна цел која сакам да ја остварам е завршување на обука во Холандија, за што би добила сертификат да бидам тренер за програма која се фокусира на само-контрола и личен развој. Тоа ќе се случи во јануари следната година, па понатаму ќе видиме како ќе ми се отвораат можности, можеби и би ја промовирала таа програма овде во Македонија и во регионот. Освен тоа работам на пишување на моја книга во која ќе ги споделам моите искуства од престојот во Холандија и како се менував низ обуките за личен развој. Овие цели никогаш не би ги имала доколку не го прифатев предизвикот да бидам ЕВС волонтер и останев во земјата жалејќи се дека нема работа и за тоа дека државата не се грижи за мене.

Фактор: Кои ти се плановите за во иднина, дали повторно планираш да волонтираш во странствo?

Моментално немам планови да волонтирам, но никогаш не се знае. За мене волонтерството значи да даваш придонес на една заедница, помагање, солидарност, сплотеност, сето тоа за добра цел и да се помогне на општеството и поединците. За мене овие вредности се важни и никогаш не би одбила да правам нешто што може да смени нечиј живот.

Сања Атанасовска


Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име

Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор

Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор

Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него

Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него

ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието

ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието

ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти

ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти

Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки

Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки

Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица

Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица

СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината

СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината