Вреди ли убедливата победа на Мицкоски и има ли некој што може да го предизвика?
Објавено во: Анализа 03 Ноември, 2025 10:44
Христијан Мицкоски, актуелен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, сакаше и успеа да се претстави себеси како апсолутен победник на овие локални избори, победувајќи во над 50 општини, вклучително и град Скопје, иако пред четири години ја поддржа апокалиптичната Данела Арсовска.
Мицкоски имаше замисла да победи во Кичево и да биде првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој успеал да наметне свој кандидат кој ќе биде, не само поддржан од СДСМ на локално ниво, туку и да склучи договор со албански партнер за да нема етничко надгласување во Кичево како во минатото.
Општина Кичево со територијалната поделба во втората фаза која ја спроведе Никола Груевски доби припојување на повеќе албански села што доведе до можност етнички Албанец да победува, а тоа го користеше Фатмир Дехари од ДУИ во последните три мандати. Победата на Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ сега не беше претставена како „враќање на Кичево кај Македонците“ туку победа на вредности и политики со поддршка на сите политички актери против кандидатот на ДУИ, а не „кандидатот на Албанците“.
Проектот „Едно општество за сите 2.0“ сепак, успеа да се одржи и покрај обидите за негово рушење од Хаќим Рамадани, кандидатот за градоначалник на Брвеница од редовите на ВЛЕН/ВРЕДИ. Рамадани бараше поддршка само затоа што е Албанец и сакаше да победи со етничко надгласување во Брвеница, но не успеа во таа намера, по што премиерот Мицкоски најави дека ќе го разреши од актуелната функција која ја извршува.
ВМРО-ДПМНЕ го испочитува и коалицискиот договор во Струга каде победи независниот кандидат, бизнисменот Менди Ќура, која беше поддржан од ВЛЕН. Тој победи со мининална разлика пред Арсим Далипи кандидатот на ДУИ поддржан од коалицијата НАИ. Во Струга во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ не постави свој кандидат, целосно застанувајќи зад Ќура, и ја обвинуваше Левица дека „и фрла гума за спасување на ДУИ“, затоа што ја кандидираше генералната секретарка Јована Мојсоска.
Сепак, ВМРО-ДПМНЕ не ја доби целосно очекувана поддршка од владиониот партнер ВЛЕН на ниво на град Скопје, а излезноста во Чаир, Сарај и Бутел беше многу пониска во споредба со првиот круг. Затоа Орце Ѓорѓиевски има „скромни“ околу 95 илјади гласови, или доби само 4.000 гласови повеќе во однос на гласањето од пред две недели. Ова е еден од најслабите резултати за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје, бројка која ја освојувал на пример Коце Трајановски во поразот од Петре Шилегов во првиот круг на изборите во 2017 година.
Левица е поразена, но во исто време Апасиев покажа дека партијата не е во коалиција со ДУИ и дека по овој изборен процес излегуваат без компромиси за краткорочни цели. Исто така Левица може да се промовира во новата главна опозициска партија, партија која успеа барем да му нанесе пораз на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош и Центар во трката со Орце Ѓорѓиевски, и да обедини зад себе повеќе опозициски гласачи.
Исто така и во општина Куманово актуелниот градоначалник Максим Димитриевски кој го постигна плафонот на гласови во првиот круг, не успеа во вториот круг да победи поубедливо, што укажува дека и на неговото конто не се гледа ефикасноста од поддршката која му ја даде ВЛЕН.
Димитриевски со само 1.300 гласови го победи независниот кандидат Горан Стојковски - Диро, а со излезност од над 40 отсто најверојатно и ќе ги изгубеше изборите, но во неделата кумановчани сепак, решија во поголемо мнозинство да останат дома. ЗНАМ не успеа да го пласира својот кандидат Лабудовиќ како победник во општина Центар, иако имаше сигнали дека Герасимовски не е сигурен со поддршката од Филипче. Сепак, Герасимовски водеше активна кампања, беше еден од најприсутните кандидати со свои видеа на социјалните мрежи и успеа да го задржи бастионот на социјалдемократите и на тој начин да го депласира ЗНАМ.
Во секој случај, Мицкоски успеа во својата намера да ја задржи легитимноста на неговата владина коалиција на централно ниво со победите на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ во клучните општини, па така сега е тешко да се очекува дека опозицијата би го предизвикала на вонредни парламентарни избори. А, ако некој побара вонредни избори тоа може да бидат токму владините партнери кои сега многу полесно би го зголемиле водството во Собранието и би си обезбедиле чист четиригодишен мандат.
Но, горчината во победата ја носи сепак, ниската излезност и минималниот број гласови на контото на ВМРО-ДПМНЕ не советничките листи од околу 300.000, како и под 100.000 освоени гласови во Центар, што е речиси под една петтина од регистрираните гласачи или многу ниско ниво на легитимитет. Мицкоски на овие избори доби и нов политички противник, а тоа е Левица, која пак успеа во Скопје и официјално да добие поддршка од останатите опоцизиски кампови, можеби не убедливо, но доволно за резултатот на Амар Мециновиќ од првиот круг да се дуплира во вториот круг и да прикаже достоен пораз од Ѓорѓиевски.
Бројките може да раскажуваат резлични приказни во однос на тоа кој ги толкува, но резултатите се јасни, а победниците веќе треба да почнат да работат за доброто на сите граѓани на градоначалничките функции и општинските совети. Политички ова е голем ветер во едрата на владината коалиција која мора исто така сега целосно да се посвети на управување со државата и да не биде роб на анкети, собирање ситни политички поени и вложување енергија во пресметка со политичките противници.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





