Вучиќ најави целосна реконструкција на српската влада
Објавено во: Балкан 06 Јули, 2013
Премиерот Ивица Дачиќ, вицепремиерот Александар Вучиќ и министерот Младен Динкиќ, утре, ќе разговараат за реконструкција на владата.
„На српската влада и‘ претстои реконструкција, и тоа не само смена на министрите, туку и на целите“, изјави претседателот на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ.
Реконструкцијата на целите и задачите не се прави „под присила“, туку поради добрите резултати, тврди Александар Вучиќ, кој ќе учествува на утрешниот состанок на лидерите на владејачката коалиција посветен на реконструкција на владата.
„Ние еден дел од она што го вети владата исполнивме, добивме започнување на преговорите со ЕУ. Мора се уште да напредуваме во европските интеграции, но и да поставиме нови цели и задачи за да ја унапредиме соработката со некои други држави“-изјави Вучиќ.
Вицепремиерот на српската влада додаде дека нема сомневање дека ќе има „притисоци и лоши зборови“ поради реконструкцијата и дека на крајот ќе има незадоволни.
„Не мислам дека кој било што се чувствува повреден или погоден ќе реагира жестоко, но таков е животот. Ако сакате да седите во ладовина и да чекате настаните да ве претекнуваат, тогаш нема да постигнете никаков резултат за својата земја.“ рече Александар Вучиќ.
Тој нагласи дека реконструкцијата на владата ќе биде завршена до 27 јули.